Нова песна на Тоше Проески „Евта пуране иконе“ или „Седум стари икони“, испеана е на ромски јазик и премиерно ќе биде промовирана на 5 октомври на традиционалната манифестација што ја организираат фановите на Тоше на плоштадот Македонија во Скопје „Биди и ти дел од ѕвезденото небо“.
Новата песна е оргинална и авторска.
„Евта пуране иконе“ во превод значи: „Седум стари икони“, а нејзин автор е познатиот режисер Емир Кустурица.
Јавноста за првпат ќе може да го слушне гласот на Тоше со песна испеана на ромски јазик.
Годините поминуваат но, традицијата, верноста и посветеноста на фановите останува. И оваа година ве покануваме да бидете дел од настанот кој се одржува по осми пат во чест на последниот концерт на Тоше. Вашето присуство на годинешниот настан би ни причинило посебно задоволство. Ќе се запрашате зошто? Време е за нешто НОВО! Нови мелодии, нови ноти, нова љубовна приказна преточена во НОВА ПЕСНА која ќе биде уште еден доказ за неговата љубов и посветеност кон музиката“ – стои во поканата на Фејсбук страната на Фан клубот на Тоше Проески.
Тоше Проевски на 5 октомври 2007 за последен пат одржа концерт во Скопје.
Годинава по осми пат во негова чест на плоштадот ќе се одржи настанот „Биди и ти дел од ѕвезденото небо на Тоше“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




