| четврток, 6 декември 2018 |

Германското обвинителство отвори истрага за аферата со „Фолксваген“

­ Германското обвинителство отвори истрага за аферата во автомобилскиот гигант „Фолксваген“ и сомничењето за измама, против неговиот доскорешен извршен претседател Мартин Винтеркорн.

avtomobili-fabrika-folksvagen

Истрагата е започната по откритието за измама околу податоците за емисијата на штетните гасови кај дизел-моторите и дизел-возилата на оваа компанија.

Винтеркорн, кој девет години беше на челото на „Фолксваген“, минатата недела поднесе оставка на функцијата.

Во изјавата дадена при поднесувањето на оставката, тој рече дека „не знаел за манипулацијата“ со резултатите од емисијата на гасовите.

Аферата со „Фолксваген“ избувна по деталната проверка на американската компанија за контрола на квалитетот, која во дизел-возилата на компанијата што се продаваат во САД, пронајде вграден систем за измама околу емисијата на штетните гасови кај дизел-моторите.

Според германските закони, секоја пријава за некаков криминален случај, испратен до обвнителството, претходно мора да се испита, пред да биде започната формална истрага.

Во случајот со „Фолксваген“, обвинителството во Брауншвајг, блиску до Волфсбург, каде е седиштето на компанијата, досега има примено 12 пријави, покрај американското откритие и една пријава од самата компанија.

Весниците во Германија, изминатиот викенд открија дека уште пред неколку години некои функционери во „Фолксваген“ предупредувале дека е  користењето на системот „одбранбена опрема“ ставан во моторите при тестирањето е нелегално.

Експерти во автомобилската индустрија проценуваат дека германската компанија може да биде казнета со 18 милијарди долари, сметајќи дека измамата ја има во 11 милиони автомобили.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top