Железничката станица во Скопје по 33 години блесна во нов сјај. Сѐ е ново и дише во духот на новото време.Нови се влезните врати од каде што водат дактилни патеки до обновените шалтери, нови лифтовите и ескалаторите, и модерно уредените тоалети.
За прв пат станицата доби лифтови, кои ќе значат огромно олеснување за патниците. Некогашните запуштени чекалници во кои ноќеваа бездомници повеќе ги нема, пероните се санирани и поставено е ново осветлување. Железничката станица има нов противпожарен систем, целосно нова електрика и климатизација. Покривната конструкција на објектот е обоена, а воедно треба да се постават фотонапонски панели на покривот од кои делумно ќе се произведува потребната електрична енергија за станицата. Во претстојниот период треба да се доврши и реконструкцијата на билетарницата, а ќе се постават и нови информативни табли за возниот ред на возовите.
Свеченото отворање најверојатно ќе се случи наредниот месец. За реконструкцијата беа издвоени 2,5 милиони евра, од кои 85 отсто се обезбедени од ИПА-фондовите на Европската унија.
фото: Билд.мк
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.