Четвртото издание на Меѓународниот фестивал на тетовскиот театар ќе се одржи од 28 септември до 3 октомври во големата сала на Центарот за култура „Иљо Антески Смок“ ,во Тетово.
Пред тетовската публика во шесте фестивалски денови ќе настапат шест театри од земјава и од регионот.
– Отворањето на фестивалот ќе биде со претставата „Доктор Шустер“ во изведба на театарот „А.З. Чајупи“ од Корча, Албанија, на текст од Душан Ковачевиќ, а во режија на Чендрим Ријани. За вторник е предвиден настап на театарот од Враца, Бугарија, со претставата „Татко“ на текст од Алан Стриндберг и во режија на Љупчо Ѓеорѓиевски. Драмата „Буре Барут“ од Дејан Дуковски и во режија на Наташа Поплавска, а во изведба на театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп е на програмата во среда, додека во четврток театарот „Центар Мултимедија“ од Приштина, Косово, со претставата „Војна во времето на љубовта“ по текст на Јетон Незирај а во режија на Блерта Незирај. Во петок ќе биде изведена претставата „Под маса“ од страна на албанскиот театар од Скопје и во режија на Билге Емин, а фестивалот ќе заврши со настап на домаќините Тетовскиот театар со претставата „Кујнинте“ од авторот Алан Ацукбоурн, а во режија на Илир Бокши – изјави директорот на тетовскиот театар, Азири.
Тој посочи дека најдобрата претстава на четвртото издание на Меѓународниот фестивал на тетовскиот театар ќе биде избрана според гласовите на публиката.
Селекторот на фестивалот актерот Бајруш Мјаку рече дека програмата е разновидна од светски познати автори како Стриндберг, Ковачевиќ и Дуковски до автори од регионот што веќе се познати и надвор од него како косовецот Незирај.
Тој најави дека доколку бидат обезбедени соодветни финасии за следното издание, фестивалот има намера да прерасне во балкански театарски фестивал, при што на него би учествувале националните театри од сите балкански земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.