Министерот за економија Беким Незири заедно со претставници на гостиварската локална самоуправа, спелеолози и туристички работници ја посетија пештерата во близина на селото Горна Ѓоновица и се запознаа со можностите таа во иднина да биде подостапна за посетители и туристи.
Придружувани од соработниците, во текот на вчерашниот ден, тие направија мини експедиција и разгледаа дел од внатрешноста и директно се запознаа со спецификите на оваа пештера.
Министерот Незири по посетата рече дека Министерството ќе ги поддржи иницијативите насочени кон зајакнување на планинскиот туризам, со оглед дека тој има важна улога во економскиот развој во руралните средини.
– Туризмот е важен сегмент за економскиот развој, па со право е и еден од главните приоритети на Министерството. Јас го охрабрив градоначалникот во намерата да се збогати туристичката понуда, но исто така и здруженијата кои се занимаваат со истражување на пештерите. Ветуваме поддршка за нивната работа на повеќе нивоа, како правна, така и финансиска, рече министерот Незири.
Од канцеларијата за економски развој нагласија дека ова е прва посета на локалната власт и експерти по спелеологијата за да се утврдат потенцијалите и да се истражат содржините кои ѓоновичката пештера ги има.
– На почетокот на годината, потпишавме меморандум за соработка со спелеолошкото друштво „Врело“ да се подготват проекти и активности кои би оделе во насока на истражување и популаризација на еден од најтрактивните локалитети на подрачјето на општината, рече Пајтим Саити, раководител на канцеларијата за ЛЕР.
Спелеолозите од „Врело“, заедно со стручни лица, најавија дека наскоро ќе изготват нацрт-извештај за зачувување на пештерата и план како таа да стане отворена за посети од туристи. Паралелно со ова, друштвото ќе изготви и документација со која ѓоновичката пештера ќе биде споменик на природата во надлежност на Општина Гостивар.
Специјализирани тимови од спелеолози наредниве седум дена ќе навлезат во внатрешноста до места кои не се истражени за да се утврди точната должина за која се претпоставува дека е поголема од еден километар. Од истражувањето ќе биде подготвен видео материјал, а ќе биде поставена и опрема која ќе го мери протокот на водата која излегува од пештерата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Овде живеат вистински пештерски луѓе (фото+видео)
-
Момчињата спасени од пештера во Тајланд се повлекуваат во будистички храм
-
Ниедно дете во историјата никогаш не нуркало вака – проговори еден од спасувачите на децата од пештерата
-
Нова драматична снимка од пештерата: Илон Маск влезе во третата поплавена комора