Лигата на шампионите во фудбал ја имаше премиерата, а новото издание на луксузното натпреварување почна со учество на само еден македонски репрезентативец, Аријан Адеми. Динамо Загреб, каде капитен е Адеми, ќе има тешка задача да се избори за пласман понатаму во конкуренција на Арсенал, Баерн и Олимпијакос.
Македонија досега никогаш немала екипа во фазата по групи во елитното европско клупско натпреварување. На тоа чека од 1992 година, кога почна новиот формат на Лигата на шампионите, но може да се пофали со тројца лауреати, кои ја имале честа да го кренат вредниот трофеј. Се чека четвртиот мускетар, односно македонски играч кој ќе се искачи на европскиот врв, бидејќи засега е незамисливо тоа да го стори македонска екипа.

Панчев и Најдоски го пробија мразот во Бари
Дарко Панчев има посебно место во историјата на Црвена звезда и секако, во македонскиот фудбал, а заедно со Илија Најдоски се првите наши играчи што добиле трофеј од натпреварувањето на европските шампиони. Во 1991 година познато како Куп на европските шампиони, две сезони подоцна е преименувано според сегашниот формат во Лига на шампиони.
Во музејот на Црвена звезда, веднаш на самиот влез, ќе ве пречека фотографијата на Дарко Панчев и неговиот клучен удар од белата точка со кој беше решен победникот и шампионот во 1991 година. Црвено-белите на пенали го победија Олимпик Марсеј, а кулминацијата се случи во последната серија. Македонскиот ас и златна копачка на Европа во таа сезона, Дарко Панчев, беше ладнокрвен и немилосрден против Паскал Олмета. Погоди од белата точка за победа од 5-3 и голема радост на тогашниот југословенски првак, но и за двајцата македонски играчи во составот. И тоа многу влијателни, со голем удел во титулата на Црвена звезда. Панчев го делеше третото место со пет гола во тој циклус на КЕШ, а два беа посебно значајни. Еден му даде на Баерн во првиот полуфинален меч во Минхен, а вториот што не се брои во конечниот биланс на листата најдобри стрелци, но е историски, му го даде на Олмета во последната серија на пенали во финалниот меч во Бари.
„Никогаш немам трема, но тогаш како да ми се пресекоа нозете. Не одбрав страна, туку само го чекав Олмета да реагира. Кога видов дека не се мрда, само удрив по топката најсилно што можам. Ефектот е познат, а јас бев најсреќниот човек на светот. Постигнавме успех што е екстремно тешко да се повтори на овие простори. И во него се вградивме и јас и Илија Најдоски“, изјави Панчев во една пригода.
Најдоски во тој период беше столб на одбраната на Црвена звезда, бедем што тешко се пробива и еден од најдобрите играчи во таа доба. Миленик на навивачите, борец без мана, човек кој дава сѐ од себе за успех на екипата.
„Посебно е чувството кога ќе станете европски прваци во конкуренција на гиганти од калибарот на Баерн, Реал, Барселона… Засекогаш ќе го паметам 29 мај во Бари како вредна награда за вложениот труд. И за екипа која според квалитетот беше без конкуренција во Европа во тој период“, изјави Најдоски.
Трофејот во Бари и потоа, и на интерконтиненталниот куп во Токио, кога беше победен Коло, засекогаш ќе им остане во спомените на нашите двајца лауреати, кои први стасале до вредниот трофеј од КЕШ, сега познат како ЛШ.

Пандев се круниса во наjголемиот европски фудбалски храм
Горан Пандев стана третиот македонски фудбалер што се закити со највредниот трофеј во клупскиот фудбал. И тоа го стори на еден од најголемите храмови на фудбалот на „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид, со победа против Баерн од 2-0. И одигра 79 минути во финалето како значаен шраф во машинеријата од Милано. До стандардно место во шампионскиот тим дојде со многу докажување, иако скептиците велеа дека нема да се избори за значајно место во ростерот на Интер под командата на Жосе Мурињо. Пандев се наметна со добра игра и македонското знаме се појави на стадион на кој се играше финале во Лигата на шампионите и тоа на победничката страна. Горан гордо го развеа нашиот симбол, а Интер го нокаутира Баерн за трет трофеј во клупската историја. Пандев симболично стана третиот македонски играч што може да се пофали дека го имал во своите раце највредниот клупски трофеј во Европа. Подоцна и Интер го освои Интерконтиненталниот куп, а Пандев се радуваше на оваа титула, како што се радуваа Панчев и Најдоски 19 години претходно.
„Ова е остварување на сонот. Нешто што многумина го сонуваат, а малкумина имаат можност да го остварат и да му се радуваат. Посакувам да има уште македонски играчи што ќе стасаат до врвот на Европа“, беше изјавата на Пандев по триумфот на Интер на легендарниот стадион „Сантјаго Бернабеу“ во Мадрид.

Браќата Бабунски, Илиев… генерацијата што доаѓа има штоф за европски трофеј
Многу тешко е да се процени кој би можел да биде следниот македонски фудбалер што ќе му се радува на популарниот „ушко“, или на трофејот од Лигата на шампиони, но има добра подлога за тоа. Македонија има добра генерација млади фудбалери, кои ги учат најважните елементи од фудбалската игра во дел од најсилните клубови во Европа. Браќата Бабунски, Давид и Доријан од деца ги минуваат сите возрасни категории во шпанските гиганти Барселона и Реал Мадрид, Дејан Илиев веќе бранеше во младинската Лига на шампионите за Арсенал. Екипи што се редовни учесници во ЛШ и постојани конкуренти за вредниот трофеј. Тука има уште талентирани македонски играчи, но предвидувањата се неблагодарни. Од подвигот на Дарко и Илија во Бари до сензационалниот успех на Горан во Мадрид, минаа 19 години. Македонија го чека својот четврти мускетар со шампионскиот пехар во рацете, а во ова издание на Лига на шампионите, таква шанса ќе има само Аријан Адеми.
Подготви: Зоран Поповски
(Текст објавен во 159. број на неделникот „Република“, 18.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


