Компанијата БМВ ги отфрли наводите на специјализираниот весник „Ауто Билд“ дека покрај Фолксваген и оваа фирма манипулирала со прикажувањето на вистинското ниво на загадување од автомобилските мотори. Според БМВ нема разлика меѓу резултатите од тест возењата и оние на возилата во комерцијална употреба. Од таму тврдат дека немаат информација за тестовите кои што ги наведуваат германските медиуми.
И покрај демантот акциите на БМВ денеска паднаа за шест отсто додека акциите на Фолксваген кој што имаше огромен пад изминативе неколку дена се качија за еден отсто но сеуште се далеку од нивото што го имаа пред една недела. Како резултатот на кризата во автомобилската индустрија Германија се соочува со најголем пад во берзанското работење од почетокот на август.
Како резултат на скандалот во кој е откриено дека Фолксваген инсталирал софтвер кој лажно го прикажувал нивото на загадување во нивните дизел мотори во САД и Европа при што е откриено дека софтверот е инсталиран во над 11 милиони мотори се очекуваат големи промени во оваа компанија. Деновиве Фолксваген треба да им даде отказ на десетина директори кои што знаеле или се одговорни за скандалот кој може Фолксваген да го чини над 18 милијарди евра. По вчерашната оставка на првиот човек на Фолксваген Мартин Винтерком, компанијата сега бара нов извршен директор кој што ќе има тешка задача да ја врати вредноста на акциите но и довербата од потрошувачите.
Во меѓувреме миниситерот за транспорт на Германија, Александер Добринт потврди дека софтверот кој покажувал пониско ниво на загадување Фолксваген го вградувал и во Европа не само во САД.
-Фолксваген ни откри дека и во моторите кои што се продаваат во Европа со сила од 1,6 и 2,0 се вградувал погрешен софтвер- изјави денеска Добринт во Берлин.
Информациите за нелегалните чекори на една од најуспешните германски компании предизвикаа огромни промени и во нејзиниот јавен имиџ. Според компанијата за истражувае на јавноста „ЈуГов“ Фолксваген се соочува со огромен пад на довербата од купувачите со тренд кој што може да ја доведе кон днотото на листата на фирми со добар имиџ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.