
Колумнист: Горан Момироски
Знаат ли Кумуцакос и неговиот шеф нешто што не знаеме ние, па сега се обидуваат да се приклучат на процесот што може да значи крај на непријателството меѓу владите во Атина и во Скопје, или, пак, се работи за уште една скриена игра на Самарас во која СИРИЗА треба да биде извадена на лизгавиот терен на спорот за името и поразена со старите националистички финти на шефот на Неа демократија?
Според Јоргос Кумуцакос, кандидатот за пратеник од опозицијата, кој кариерата ја почна како портпарол на министерката за надворешни работи во времето на Караманлис, Дора Бакојани, дојде време да се најде решение за името. Поранешниот европратеник, а сега човекот што ја поставува дипломатската агенда на Неа демократија, ова го кажа на предизборен настан во Атина. За разлика од претходните изборни кампањи кога сегашната опозиција го користеше името само за фалење колку е партијата непопустлива или за да нападне некого дека е „мек кон скопското прашање“, сега Кумуцакос, кој е шеф на одделот за надворешна политика на Нова демократија, името го стави во сериозен контекст и зборуваше за приоритетите на грчката дипломатија и за начините на кои неговата партија би ја водела грчката надворешна политика доколку дојде на власт по изборите на 20 септември. Сепак, не треба да се биде наивен и да се верува дека нешто драматично се променило кај грчката десница, која со умерена политика уште на почетокот на деведесеттите години на минатиот век можеше да здобие пријателски настроена држава на северната граница.
Досегашното искуство вели дека некој или некои процеси го натерале Самарас спорот за името да го стави во сериозно пакување, место да го користи само за евтин популизам. Дали, можеби, се работи за притисок од САД, Германија или од некој трет фактор или, пак, кај него постои страв дека премиерот Ципрас би можел без голем потреси да го затвори прашањето за името по спроведувањето на меморандумот за разбирање што го предложи министерот Коѕијас? Не може да остане тајна што стои во заднината, но, во секој случај, добро е што Самарас признава дека името мора да биде решено, иако само во кампања.
Парите и геополитиката можат да ја промената ситуацијата
Дел од аналитичарите не ја исклучуваат можноста врз низата одлуки во грчката политика директно влијание да имаат руски деловни или политички структури, кои поаѓајќи од интересите на Кремљ се обидуваат да смират или да загреат тензии во одредени региони од Земјината топка. Во тој контекст не можат целосно да се исклучат последиците врз дипломатските чекори од шпекулациите за изградба на гасоводот „Турски тек“, кој доколку поминува низ Македонија и продолжи кон Србија и Унгарија, на Грција ќе ѝ носи милијарди евра. Сума што за секоја политичка партија во Грција е многу покорисна од ирационалниот спор за името. Исто како што неодредените најави од Кина и од Србија за изградба на брзи пруги и за спроведување на проектот Дунав – Морава – Вардар – Солунски Залив понекогаш ги омекнуваат срцата на „чуварите на црвените линии за името“. Чувањето на отворен коридор за бегалците кон Македонија е уште една потенцијална причина за испраќање макар и лажни сигнали за добрососедство од Грција кон Македонија. Македонија не треба да се плаши од овие сигнали, без разлика од која инстанција во Грција и да доаѓаат, па макар тоа да е тврдокорниот националист Самарас. Доколку има искрена и потврдена желба за решавање на спорот, а притоа двете страни да го зачуваат достоинството и националните интереси, тогаш Македонија треба да преговара со секого, па дури и со луѓето што во последниве 25 години се причина за историска неправда и за тоа што Македонија сѐ уште не е членка на НАТО и на ЕУ.
(Текст објавен во 159. број на неделникот Република, 18.09.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Насилно спречени претставници на СИРИЗА да положат венци во Политехничкиот факултет во Атина
-
Помирување, со цел промена на името и Уставот на Република Македонија, не е прифатливо
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа