| четврток, 6 декември 2018 |

Кошаркарскиот Суперкуп ќе се одржи викендов во Охрид

Со дуелите на четирите најдобри екипи од минатата сезона во македонската кошарка, МЗТ Скопје, Работнички, Кожув и Куманово викендов во Охрид во салата „Билјанини Извори“ за прват ќе се одржи Суперкупот во овој формат по теркот на многу пореномираните национални првенства од Европа.
Турнирот, прв од ваков вид, ќе биде отворен со дуелот меѓу двете најдобри екипи од Купот на Македонија, Работнички и Кожув, а за вториот финалист ќе се решава со дуелот помеѓу шампионот и вицешампионот од минатата сезона, МЗТ Скопје Аеродром и Куманово. Сепак, прес-конференцијата ја одбележа неприсуството на претставници на Работнички, кои беа уредно поканети од страна на МКФ за овој настан.

Враќањето на репрезентативците на Македонија во своите клубови најмногу добија МЗТ Скопје и Куманово кои во најсилни состави ќе настапат во Охрид и ќе атакуваат на трофејот.

– Чекавме да дојдат репрезентативците за да се дополниме и да видиме каква ни е состојбата. Очекувам моите играчи да дадат сè од себе. Ова ни е предсезонски тест да видиме како стоиме со играта за разлика од минатата сезона – изјави тренерот на „штрковите“ Алеш Пипан.

На тренинзите во „Јане Сандански“ се вратија тројцата репрезентативци на Македонија, Марко Симоновски, Дамјан Стојановски и Љубомир Младеновски кои тренираат со полн интензитет веќе цела недела.

– Од пред десетина дена дел од репрезентативците се приклучивме во екипата и тренинзите се одвиваат во најдобар ред. Во врска со Суперкупот, сметам дека сме многу добро подготвени и ќе се обидеме да го дадеме максимумот. Победникот нека се одлучи во Охрид – истакна Симоновски.

Екипата на Куманово го имаше истиот проблем како и МЗТ со отсуството на главниот мотор на екипата, Александар Костоски. Сепак тој истакна дека посакува одмазада во второто полуфинале на Суперкупот за минатогодишниот пораз во финалната серија од МЗТ Скопје. Тренерот на Куманово, Луковиќ нагласи дека на првиот натпревар сезонава ќе се види до каде е екипата со подготовките за напорната сезона и чќе покаже каде треба да се поправат некои работи, и секако го поздрави организирањето на Суперкупот во ваков формат.

– Проблем за нашата екипа беше што некои од играчите подоцна ни се приклучија поради обврски со репрезентацијата. Поради тоа, на првиот натпревар ќе видиме до каде стоиме со подготовките. Ова ни е прилика да покажеме што работевме досега – објасни Луковиќ.

Помошникот тренер на Кожув, Илија Ефтимов, им ја препушта фаворитската улога на МЗТ и Куманово. На овој Суперкуп Кожув ќе настапи со подмладен и речиси нов состав.

– Ќе им се даде шанса на помладите играчи да се изборат на ова наше кошаркарско небо. Во оваа сезона влегуваме со далеку поразличен состав. Одиме во Охрид, но не како фаворити. Чест ни е што ќе бидеме дел од овој турнир – заврши Ефтимов.

На оваа прес-конфернција не присуствуваа преставниците на нашиот најтрофеен кошаркарски колектив и актуелен освојувач на Купот, Работнички. За нивното отсуство нема никаква информација, ниту дали можеби тие би го бојкотирале Суперкупот, кој ќе се одигра во Охрид.

Турнирот, спонзориран од глобалниот електронски гигант Хуавеј, ќе биде отворен со дуелот помеѓу финалистите од Купот на Македонија од минатата сезона, Работнички и Кожув во 17.30 часот. Вториот финалист ќе се реши со натпреварот помеѓу МЗТ Скопје Аеродром и Куманово во 20.15 часот. Финалето ќе се игра в недела со почеток во 19.30 часот. Натпреварите ќе се играат во салата „Билјанини Извори“ во Охрид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top