| четврток, 6 декември 2018 |

Кога глумите еуфоричност, а ви се плаче

Поучени од минатото, реално е да си го поставите прашањето: Кога опозицијата ќе почне да плука по специјалната јавна обвинителка? Веројатно, во првиот момент кога ќе покаже дека е реална, објективна и професионална и дека не залудно ја заслужила домашната и меѓународна поддршка. По аналогија, патетичниот наслов „Ајде Като, ајде злато“ ќе го сменат со „Като мори душманке“. Калајџиев веќе почна...

Се сеќавате ли на опозициските химни за еврокомесарот Јоханес Хан? Да, тие беа неизоставен дел од пофалното слово на сите опозициски пера и на кажаното од челниците, неписмена реализација на скриените желби. Едноставно, требаше да дојде и да им даде сѐ што не заслужиле. Своите каприциозни желби ги базираа на позиции што им се јасни само ним. А тоа беа т.н. бомби, чиишто детонации ги слушнаа само страсните поддржувачи, низ чиишто вени тече самозамислена сина крв. За сите други во државата, со обична, црвена крв и без комплекс на предодреденост за владеење, се работеше за петарди и за незаконски снимени разговори, пренесени со сопствен и сомнителен вовед. Како и да е, опозицијата се крстеше во Хан. И тој дојде, виде и замина. Со реален и објективен став. Си споменувате, следуваше ултра брза трансформација на чувствата на опозициските „професионалци“, кои му закачија дузина афери. За неколку часа, разочараните опозиционери од Австриецот создадоа чудовиште обременето со мито и со корупција – секако, платени од ВМРО-ДПМНЕ. Истите тие Соросови миленичиња, кои дента го фалеа, вечерта веќе плукаа по него и радосно еден од друг ги препишуваа најгрдите писанија за него. Инстант трансформација од спасител до персона нон грата за само неколку часа.

analiza159-2-2

За неколку дена им „светна“ дека спасот, всушност, бил во САД и во доаѓањето на Викторија Нуланд. Повторно химни и дузина епови за нејзината ролја во Украина, небаре тоа беше нешто позитивно. Цел месец пред посетата најавуваа дека ќе дојде и ќе реши сѐ. Се разбира, во нивна корист. Ја наредија со епитети од рангот на булдожер и што ли уште не. А таа дојде, виде, не коментираше ништо и си замина. Ќефот изостана, Нуланд беше одмерена и реална. Но, за разлика од Хан, по неа не плукаа затоа што беше од САД. Молк кај корисниците на ред проекти на УСАИД и на американската амбасада и, најважното – таа беше од земјата на дарежливиот донатор со унгарско потекло. Дојде и договорот во Пржино, глумеа и таму, но изборите беа најавата за свилениот конец. Непромисленото експресно одбивање, пак, на понудата за изборен бонус за победникот, буквално, ја уби лажната еуфорија. Но тие што ја создаваа не замолкнаа. Принципот е „класика“, дејствување што е силно одобрено од партијата. Не дај Боже да напишат програма или да дадат каков и да е предлог што ќе кореспондира со вистинските можности на државата. Тоа е еднакво на богохулење. А тие атеисти… Настрана што само што срцепарателно раскинаа со 82 невладини организации. Така рече Заев, нели? И така „Ајде“ ја притиснаа Катица Јанева, уште неназначена. Непартиски, граѓански. Абе „Ајде“…

analiza159-2-3

Кога СДСМ ќе почне да плука по специјалната јавна обвинителка?

Формулата со лажна, евтина еуфорија ја применија и при изборот на специјалниот јавен обвинител. Познавачите велат дека е крајно време партијата да се фати за конструктивна работа и да престане со глупирањето. Особено, кога ќе земете предвид дека лажната еуфорија е лош рецепт, кој ви носи катастрофални резултати во низа. Можеби е најлесно и ви лежи на карактерот, но луѓето веќе се прашуваат што е поентата на овој мазохизам. Другите, пак, многу реално го поставуваат прашањето: Кога опозицијата ќе почне да плука по специјалната јавна обвинителка? Веројатно, во првиот момент кога ќе покаже дека е реална, објективна и професионална и дека не залудно ја заслужила домашната и меѓународна поддршка. По аналогијата што произлегува од историјатот на дејствувањето, патетичниот наслов „Ајде Като, ајде злато“ ќе го сменат со „Като мори душманке“. Калајџиев почна и си кажа што му лежи. Сѐ друго е само прашање на време. А тие го немаат. Тик-так, тик-так, отчукува часовникот. Избори се ближат…

analiza159-2-4

 

Tanja-Karakamiseva-analiza

Каракамишева-Јовановска: За СДСМ, нападот е најдобра одбрана

СДСМ постојано игра една иста политичка игра, која би можела да се опише со неколку збора – виновникот мора да биде некој друг, а победникот секогаш јас (СДСМ), вели проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска, според која за оваа партија и не постои друго, а за сѐ во државата им се виновни премиерот Груевски и „режимот“.

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: До совршенство ја имаат совладано тезата „Нападот е најдобра одбрана“, со едно нејзино продолжение во сдсмовски стил, „посебно тој што може најбрзо да нѐ донесе до власт без избори“. За реализација на оваа теза СДСМ има подготвено цел плукачки арсенал, и во партијата и надвор од неа, во форма на скапо платени поддржувачи, кои секогаш се во состојба на готовс, само е потребно да добијат партиски знак. Во таа плукачка игра не е поштеден никој од домашната политичка сцена, но, кога е потребно, и никој од меѓународната политичка сцена. Ако се има партиска процена дека плукањето против Хан или Орав може да донесе политички поен плус, артилеријата п(л)ука беспоштедно. За оваа партија сѐ е дозволено, освен тоа што во демократски услови е нормално и разумно да се очекува од една партија. Во недостиг на квалитетна партиска програма, во недостиг на квалитетни проекти и понуди за подобар живот на граѓаните, раководството на СДСМ целото свое време го троши за наоѓање виновници за сите нивни посакувани, а нереализирани фрустрации.

И така, пронаоѓањето квалитетни начини за намалување на невработеноста, вели Каракамишева-Јовановска, се претставува како предизборен маркетинг, а континуираното намалување на невработеноста во целиот период на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ како некаква партиска магија, партиска мантра или нешто слично.

КАРАКАМИШЕВА-ЈОВАНОВСКА: Сега гледаме дека вината за немањето ефект кај јавноста каков што посакуваа од нивните „бомби“ ја наоѓаат кај јавното обвинителство и кај судството во РМ, кои, наводно, не постапуваат во согласност со европската практика, иако и самите немаат поим каква е европската практика токму за прашањата што ги злоупотребуваат за дневно-политички потреби. За нивниот слаб рејтинг меѓу граѓаните, кој, како што се потврдува, постојано е во надолна линија или во статус кво, виновни се граѓаните на РМ, кои, според изјавите на нивните најгласни перјаници, немаат доволно интелигенција, немаат храброст да му се спротивстават на „режимот“, дека се проста и неискапена маса, и слични негативни квалификации. Со еден збор, виновен им е секој што не мисли како нив. А нивните мисли, дури и човек да има желба да ги разбере, не можат да се опишат со други зборови, освен како крајно деструктивни и крајно неразумни. Едноставно, не е нормално, и политички е крајно неопортуно постојано да се пласираат тези дека сите што не мислат како нив се лоши и мора да бидат сменети со подобри (нормално, по предлог на СДСМ), затоа што тоа не е, ниту може да биде платформа на која треба да се заснова високата политика.Таквите тези не се добри за негување на добри меѓучовечки односи со муштериите во локално продавниче, а не, пак, за нормално функционирање на една држава и на нејзината национална политика. Место да продолжува со раздорот, со поделбите на добри и на лоши луѓе, на луѓе од замислениот „режим“ и на луѓе што не се дел од тој „режим“, место постојано енергијата да ја расфрла во организирање разни пленуми, „граѓански платформи“ и слично, место да бараат дежурни виновници во народот за сѐ и сешто, многу подобро за државата, но, пред сѐ, за СДСМ би било ако раководството, конечно, се фокусира на реалните прашања и одговори за политичките, економските и за другите теми во државата. Ако раководството на СДСМ има намера политички да преживее и да биде корисно за државата и за граѓаните, и ако има намера да ја оправда основната цел на своето постоење во СДСМ, потребно е што поскоро да се врати од изместената лента и да почне да функционира нормално. И покрај тоа што е многу полесно да се трча по друг и да се оцрнува за свои потреби и интереси, СДСМ, конечно, треба да сфати дека тоа не поминува кај граѓаните и дека не е картата со која ќе може да дојде на власт во некое догледно време.

 

analiza159-2-5

Не мечката, проблемот е кога ќе заигра папата

Велат дека кога мечката ќе заигра во дворот на комшијата, набргу ќе заигра и во вашиот. Во СДСМ, пак, имаат друга изрека, која вели: Кога папата ќе заигра, мириса на промени во партијата. Но не во дворот, туку во дневната соба, во центарот на случувањата или, подобро кажано – промени во раководството. Не какви било, туку ригорозни и многу болни за тие што ќе ги искусат. Велат дека проблемот е голем и кога ќе заигра два-три чекора во ходник, а се мултиплицира и надградува во моментот кога тоа ќе се случи во јавност. За жал на многумина чауши во партијата, се случи најавата за функционерскиот партиски егзодус. Партијците сѐ уште раскажуваат за еден ваков излет на папата, кога по една свадба на поранешна новинарка, на која тој вака јавно се отпушти, следуваа силни промени во СДСМ. Стравот на недоветните е дека по орото во Слатино, ќе се повтори епизодата, а тие ќе ја доживеат судбината на раководството, чијшто лидер денеска има пресуда со правосилност, која е прашање на време. Бадијала тој е „само“ папа, а тие на ранг на Спасител. За голема жал на новокомпонираните ороводци на партијата, Бранко Црвенковски излезе од илегала, заигра и максимално се отпушти во Дебарско. Настрана, по речиси една цела година откако беше како исчезнат во акција. Познавачите на состојбите во партијата велат дека не се случува често ваков чин, а кога ќе се случи, има силна причина за ваквото емоционално отпуштање. Најчесто, се работи за паѓање тежок товар од душата на социјалдемократската икона. Тие нирваната ја толкуваат како одраз на сѐ подлабокото тонење во калта и непромисленоста на неговиот наследник. Резултатите на изборите за половина година се јасни, а со тоа и судбината на врхушката. Има две можности – или ќе си заминат мирно, или ќе ги сменат. Ова, пак, ќе отвори простор и потреба од лидер. Некој што, конечно, по толкав пост ќе ги врати на старите добри позиции. Познато и искусно лице. Што мислите, кој ќе биде спасителот? Сто проценти нема да биде од Муртино. И ете причина за отпуштање и за едно оро. Едноставно, време е за славење…

 

Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 159. број на неделникот „Република“, 18.09.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top