| четврток, 6 декември 2018 |

Богоевски четири часа сведочеше во Обвинителство

Слободан Богоевски, поранешниот разузнавач кој сега е осуденик во кумановскиот затвор сведочеше пред обвинителката која го доби предметот за Маѓар Телеком, предмет кој беше отворен по претходното сведочење на Богоевски дадено за њујоршкиот суд. Богоевски утрово беше донесен од затворот по барање на надлежната обвинителка, објави „Телма“.

Двајца спроводници од предната страна го внесоа во зградата на обвинителството каде остана речиси 4 и пол часа. Детали за сведочењето не откриваат во обвинителството бидејќи истражните дејства се на почеток.

Богоевски пред да се врати во затвор во телефонски разговор за Телма потврди дека доколку треба ќе го повтори сведочењето дадено за американските истражни органи лани во декември.

А во тоа сведочење Богоевски во детали опишува како одело митото од Телеком за да се успори либерализацијата на македонскиот телекомуникациски пазар. Работел за грчкиот бизнисмен Кондоминас кој според сведочењето на разузнвачот во 2005-та и 2006-та од Грција за Македонија испратил 7 и пол милиони евра во кеш кои преку граница биле пренесени во државни возила и им биле подделени на тогашните функционери.

Ги спомна екс премиерот Владо Бучковски, лидерот на ДУИ Али Ахмети и актуелниот и тогашниот вицепремиер Муса Џафери. Сите тројца спомнати ги нарекоа измислици неговите тврдења и најавија тужби за клевета против Богоевски. Тој не ги остави на мира ниту функционерите од ВМРО-ДПМНЕ, за премиерот Груевски рече дека ги имал сите документи за митото во 2008-ма, за екс директорот на УБК Мијалков посочи дека му барал мито на Кондоминас во Солун за да биде повлечена потерница против грчкиот директор во Телекјом Кефалојанис. За поранешната министерка Јанкуловска тврдеше дека добила 100 илјади евра во фирмата Аналитико како помош од страна на вмешаните во транспортот на митото за Телеком.

Премиерот Груевски не ги коментираше овие тврдења и изјави дека ВМРО-ДПМНЕ како власт со експресната либерализација на пазарот на мобилна телефонија доволно говори за невмешаноста на партиските функционери во аферата со митото.

Богоевски денеска беше сам без адвокат. Колку неговото сведочење било плодно па надлежната обвинителка да ги сослушаи спомнатите функционери од обвинителството не коментираат. Првично беше најавено дека ќе биде проверувана вистинитоста на исказите на Богоевски и ќе биде побарано од Њујорк сведочењето на разузнавачот. Богоевски уште 9 месеци треба да ја издржува казната за акцијата Агент, каде е осуден за финансиски малверзации додека тој пред судот тврдеше дека е наместен поради информациите за митото на Кондоминас

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top