| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Владата планира подобрување на екстерното тестирање

­ Владата планира натамошно подобрување на концептот на екстерното тестирање на учениците. Се размислува и отворена е можноста за корекции во функција на подобрување на екстерното со цел добивање на квалитет и остварување на неговата функција, истакна премиерот Никола Груевски на денешната седница за пратенички прашања.

gruevski sobranie

– Она што сега се размислува е да се даде можност да се полага двапати или четирипати наместо еднаш во годината, да се воведе можност со повеќе проблемски прашања заради разбирање на суштината да се увериме дека ученикот не само што меморирал одредени работи, туку добро ја разбрал суштината на материјата. Во овој дел може да дојде до израз и креативноста на учениците, што е исклучително важна работа – рече Груевски.

Се размислува, додаде, и за тоа ако ученикот на екстерното биде оценет со единица да може да преполага доколку сака, и воопшто, ако не е задоволен од оценката на екстерното да добие шанса за преполагање. ­

– Имаше и одредени дискусии во правец на подобрување на формулата за пресметка на просекот на ученикот, а исто така и да се провери дали за одговорите на прашањата има некои кои ги нема во учебниците со оглед на тоа што е дозволено да има различни учебници за одреден предмет. Првичните одговори што ги добив се дека не постојат такви аномалии, но сепак дадов повратно да се провери дали сепак се случило во одредена ситуација да има прашање чиј одговор го има во некој учебник, а во друг го нема. Се разбира, ако има таква ситауција тоа треба да се коригира – рече Груевски.

Според него, се размислува и за ангажман само на надворешни лица за набљудувачи затоа што присуството на истите наставници кои ја дале оценката може да доведе до одредени субјективности. Отворена е и можноста за комисиско разгледување на приговорите, но и за други прашања за кои, како што рече, МОН понатаму ќе изврши дополнителни консултации и на крај сето тоа повторно ќе се врати во Владата на разгледување и заземање конечен став и одлука што и како треба да се подобри.

-Целта е да се направи и да се креира ситуација да се вратат повисоките стандарди, доколку е можно и повисоки од оние кои беа пред почетокот на транзицијата, а со тоа да се помогне на децата да имаат повеќе знаење и иднина во нивните кариери и животен развој – рече Груевски.

Откако се користи концептот на екстерното, според Груевски, дал резултати, а истовремено се подобрувале увидените слабости. За натамошното подбрување со корекциите за кои се размислува ќе се отвори широка јавна дебата.

Целта, според Груевски, е учениците да добијат оценки што ги заслужиле согласно со нивното знаење и на тој начин да се поттикнат да учат доколку сакаат повисоки оценки. Истовремено да се поттикнат наставниците да даваат реални оценки и на некој начин да им се даде аргумент кога се под притисок или какви било ургенции да можат слободно да кажат„еве сега имаме екстерно тестирање и ако ставиме реална оценка тоа директно ќе се рефлектира и на моето напредување“.

Владата пристапила кон примена на екстерно оценување со цел да се надминат состојбите со нереални оценки, проблем што датира од времето на транзицијата. ­

– Родителите различно реагираа на овој проблем, некои не беа среќни што децата поминуваат низ таков степен на образование, а сепак имаше група на родители и сѐ уште има кои одат на линија на помал отпор и би сакале нивното дете да е среќно на краток рок – рече Груевски.

Тој нагласи дека сите наставници кои совесно, одговорно и професионално ќе си ја извршуваат функцијата ќе немаат никакви пречки во нивниот кариерен развој, а тоа меѓу другото и преку реалното оценување на знаењето на децата.

Во врска со тоа дека децата со екстерното тестирање доживуваат стрес, Груевски укажа дека тестирањата и во основните и во средните училишта се нешто што е сосема нормално во сите развиени држави.

Тој потсети дека неодамна во еден негов говор раскажа разговор со негов пријател, кој основно училиште завршил во Македонија во клас во кој од 25 деца, 23 имале сите петки, а подоцна се запишал во Франција во средно училиште каде што бил подложен на континуирано тестирање и бил шокиран, и тоа, подвлече Груевски, е стрес.

– Тоа може да е стрес кога доаѓајќи од систем во кој ретко се случува тестирање, во систем во кој се изложуваш на нешто што е сосема нормално во светот, а тоа е знаењето да биде проверувано преку тестирање. Би кажал дека најголемиот стрес за децата што ќе го доживеат со ваков систем што го имавме досега пред воведување на екстерното тестирање, е кога ќе излезат на пазарот на труд и ќе се соочат со нивното незнаење, кога ќе се појават на интервјуа во компании и во домашни и странски, кога ќе им бидат дадени таму тестови за да го проверат нивното знаење, ќе бидат прашани на интервјуа за основни прашања на кои немаат одговор, тогаш е најголемиот стрес во животот. Излегувате пред работодавачите и имате проблем кој не е едноставен и не може да се реши преку ноќ, кој е загубено време, години и тешка иднина понатаму, па ве одбиваат на едно место, друго, на десетто, па следуват разочарувања, депресии, семејни проблеми, проблеми со иднината во секој поглед на зборот- појасни премиерот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top