Со изградбата на автопатот Скопје – Штип ќе се стигнува од Свети Николе до Скопје за 20 минути што ќе влијае врз подобрувањето на бизнис-климата, изјави вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, кој денеска е во посета на светиниколскиот крај.
По средбите со бизнис-секторот на кои се информираше за тоа колку компаниите досега ги искористиле активните мерки на Владата за вработување и евтините кредитни линии, вицепремиерот Ставрески истакна дека како Влада, постојано ги слушаат барањата на граѓаните и ги решаваат во зависност од можностите.
– Трасата од автопатот Скопје – Свети Николе – Штип е веќе 90 отсто пробиена, а предвидено е целосно изградбата да заврши најдоцна до февруари 2017 година. Тогаш на светиниколчани ќе им бидат потребни од 20 до 25 минути за да стигнат до Скопје. Со изградбата на овој автопат општина Свети Николе може да се стави на мапата за привлекување на странски инвеститори бидејќи ќе има добра поставеност и ќе биде добро инфраструктурно поврзана што е значајно за инвеститорите – истакна вицепремиерот Ставрески.
Тој ја посети фабриката за кондиторски производи Лион ДОО каде што се вработени 116 лица од кои 16 добиле работно место, односно ги искористиле мерките на Владата преку проектот „Македонија вработува“.
– Девет години сме заедно со бизнис-секторот. Ние сме Влада која ги слуша бизнисмените и им помага со цел да имаат подобар бизнис. Денеска сум во Свети Николе каде што 11 компании ги имаат искористено евтините кредитни линии во вкупна вредност од 2,5 милиони евра. Тоа е значително голема бројка и можам да кажам дека преку владиниот проект „Македонија вработува“ во оваа општина се вработени 95 лица, рече Ставрески.
Во фабриката за кондиторски производи „Лион“, Ставрески беше информиран дека над 70 проценти од производството им е за извоз, а повеќе од 40 лица од вкупно вработените се со инвалидитет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.