| четврток, 6 декември 2018 |

Мери Ватсин, стручњак за води: На Преспанско Езеро сè уште му се потребни голема нега и внимание!

Се надевам дека заедниците што живеат покрај Охриско и Преспанско Езеро ќе го ценат богатството што го имаат и дека ќе ги одржуваат езерата во здрава состојба за да може сите луѓе од Македонија, но и од светот да уживаат во нив, вели Ватсин

Зошто треба да се штити Преспанско Езеро и што добиваат земјата и регионот со добра заштита на езерото?

-Преспанско Езеро е едно од  најстарите езера во светот, а неговите води и мочуришта се дом за огромен број растенија и животни.  Многу од овие растенија и животни не можат да се најдат во ниту едно друго место во светот. Преспанско Езеро е национално богатство и место што е од глобално значење токму поради ваквиот биодиверзитет.

Рибите и живиот свет во сливот на Преспанско Езеро зависат од здраво езеро, чисти реки со соодветен проток на вода и природни живеалишта каде што можат да се хранат, мрестат, гнездат, одмораат и живеат. Ние треба да им го обезбедиме тоа.

Езерото, исто така, ги поврзува луѓето што живеат во Македонија, Грција и Албанија. Тоа има важна улога во обликување на културата и претставува значаен дел од животот на населението што живее околу него. Едноставно кажано, здраво езеро значи здрава заедница. Овозможува обезбедување квалитетен живот и е место каде што луѓето би сакале да живеат.

Ова може да привлече нови инвестиции и да го поддржи економскиот развој. Очигледно е дека туризмот зависи од еколошкиот статус на езерото, но здраво езеро, исто така, ќе помогне да се привлечат други економски дејности што не го користат директно. Студии покажуваат дека стопанските капацитети сакаат да бидат лоцирани во региони каде што постои висок квалитет на живот – т.е. места каде што нивните вработени сакаат да живеат.

marywatzinboat300

Какво е Вашето видување за досегашните резултати постигнати во Преспа со проектите спроведени од општината, од Швајцарија и УНДП?

-Проектите кои се спроведуваат од Општина Ресен, Швајцарската агенција за развој и соработка и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) даваат одлични резултати! На пример, минатата недела имав можност да ги посетам преубавите насади на јаболка во демонстративниот овоштарник. Во овој овоштарник фармерите можат да се запознаат со најновите методи за производство на јаболка и да учат нови технологии и методи за нивно наводнување, исхрана и заштита. Следејќи ги најновите практики, фармерите користат онолку хемикалии и вода колку што се минимално потребни за да се добијат производи од висок квалитет, сведувајќи го загадувањето на езерото на минимум.

Исто така ја посетив компостарата со која што управува Општина Ресен. Оваа компостара го собира отпадот од јаболката, растенијата, живинарската фарма и отпадната мил од општинската пречистителна станица и го претвора во вреден производ кој се користи за подобрување на квалитетот на почвата. Во тоа е самата суштина на одржливоста – да се претвори отпадот со кој што порано се загадуваше природата во вреден производ кој е корисен и за природата, а воедно овозможува да се остварување на профит!

Ова се само два примери за да се долови сеопфатниот пристап кој што Општината Ресен, Швајцарската агенција за развој и соработка и УНДП го имаат усвоено при реставрацијата и заштитата на Преспанското Езеро. Собирањето и третманот на отпадните води исто така го намалува загадувањето на Голема Река – најзначајната притока на Преспанското Езеро, а реставрацијата на мочуриштето на нејзиниот влив во езерото ќе помогне дополнително да се намали внесот на загадувачки материи.

Како научник, многу бев возбудена при прегледувањето на податоците што проектните партнери ги собираат како дел од мониторинг програмата за езерото и за сливот. Оваа мониторинг програма беше воспоставена со цел да се документира влијанието на проектните интервенции врз еколошката состојба на езерото. Задоволство ми е што можам да кажам дека има рани знаци кои што укажуваат дека квалитетот на водата во езерото е подобрен. Иако овие резултати се прелиминарни, навистина се охрабрувачки и укажуваат дека проектите се спроведуваат во вистинска насока. Допрва ќе слушаме уште добри вести.

_DSC8997

Во која насока, според Вас треба да се одвива идниот развој на Преспа?

На Преспанското езеро и понатака ќе му бидат потребни голема нега и внимание. Како што нашата клима ќе се менува, така ќе треба да се реставрираат и одржуваат мочуриштата, ќе треба да се управува со протоците на вода во Голема Река и на други места, меѓу другото, и за да се спречат големи поплави. Исто така, постојано треба да се унапредуваат методите кои ќе помогнат да се обезбеди одржлив начин на живот.

Сливот на Преспанското езеро е совршен за производство на јаболка и затоа земјоделството треба и понатаму да претставува значаен дел од економијата на општината Ресен, но со користење на најдобри практики за одржливо земјоделско производство. Туризмот може да донесе нови приходи во регионот, но се надевам дека развојот на туризмот ќе се фокусира врз природните убавини на езерото, птиците и другиот див свет.

Во текот на моето работење, научив дека кога заедниците активно гледаат кон иднината и заеднички ја планираат заштитата на природа и економски развој, добри работи се случуваат! Постојат алатки кои можат да им помогнат на заедниците да ја остварат нивната визија и да планираат и моето мислење е дека Општината Ресен е спремна да го прифати овој предизвик и да го штити своето најголемо богатсво – Преспанското езеро.

Што е со еколошката заштита на Охридското езеро за кое германските научници потврдија дека е најстаро во Европа?

-Охридското езеро е исто така многу посебно езеро, со големо културолошко и еколошко значење. Поврзано е со Преспанското Езеро преку подземни канали преку кои водата од Преспанското истекува низ планината Галичица. Ваквите протоци се појавуваат како извори кои што го хранат Охридското Езеро, како на пример оние познатите кај Св. Наум.

Охридското езеро е во релативно добра состојба – поради собирањето и третманот на отпадните води, подобрена контрола на ерозијата, контролата на процедните води и посветувањето на внимание на заштитата на значајните елементи на екосистемот како што се на пример појасите од трска кои што го опкружуваат езерото. Познатата Охридска пастрмка е сега подобро заштитена благодарение на работата на посветените научници од Охридскиот Хидробиолошки институт кои со порибувањето на помагаат во одржувањето на рибната популација – а и моделите за управување на рибниот фонд преку концесии исто така помагаат.

Но, бидејќи се повеќе луѓе доаѓаат во Охрид, важно е Општина Охрид а и цела Македонија и понатаму активно да го заштитуваат ова богатство. Тоа значи дека треба да се одржува и да се подобри системот за отпадни води, и да се изградат соодветни системи за управување со атмосферските води. Исто така потребно е да се заштитат природните живеалишта околу езерото кои помагаат тоа да остане чисто. Потребно е и да се контролира ерозијата и да се користат најдобрите практики за управување со целокупното сливно подрачје на езерото.

Малите загуби на природните живеалишта и загадувањето постепено се акумулираат, а тоа станува видливо по некое време. Откако ќе почне да се забележува деградацијата, веќе ќе биде тешко да се запре и да се врати чистата вода.

Се надевам дека заедниците кои живеат покрај Охриското и Преспанското Езеро ќе го ценат богатството што го имаат и дека ќе ги одржуваат езерата во здрава состојба за да може сите луѓе од Македонија, но и од светот да уживаат во нив.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top