| четврток, 6 декември 2018 |

Медиумски оценки за изборите во Грција

­ Вчерашните парламентарни избори во Грција на кои Коалицијата на радикалната левица (СИРИЗА) на Алексис Ципрас извојува победа со 7,5 процентни поени разлика пред конзервативната партија Нова демократија, денеска е една од главните теми на медиумите во поголемиот дел од светот, пренесе МИА.

cipras

Британските медиуми, кои им даваат голем простор на изборите во Грција и на новата победа на Сириза, оценуваат дека победата е приближно на исто ниво како во јануари, што значи дека Ципрас успеа да ги совлада своите ултралевичарски противници во партијата, кои му подготвуваа партиски пуч, откако го прифати договорот со кредиорите, поради што и се организираа овие избори.

Лондонскиот весник „Гардијан“ во текст под наслов „Сириза ја победи Нова демократија“ оценува дека по вчерашната убедлива победа, Сириза во коалиција со малата десничарска партија Независни Грци ќе има кревко парламентарно мнозинство што нема да биде доволно Владата да преживее при евентуални „револуционерни чекори“. ­

– Сириза и овојпат успеа да формира коалициска влада со Независни Грци со што ја прескокна евентуалната пречка за нови избори, заклучува весникот.

Според „Гардијан“, овој нов мандат покажува дека гласачите останале зад Ципрас и покрај прифаќањето на договорот со кредиторите, кој бара од Атина строги мерки за штедење и длабоки реформи, на кои Грците не се навикнати.

Овој весник вели дека на луѓето им здодеало да гласаат на петти избори за шест години, што го покажува и рекордно нискиот одѕив на гласачите од 56 отсто, па дека затоа, нема друг пат, освен да се почне со спроведување на строгите мерки, кои и нудат на земјата стабилизација, економски раст и соборување на дефицитот.

„Тајмс“ оценува дека револуцијата во Грција е завршена и дека сега е врема да се почне со работа за средување на состојбите во земјата. Весникот смета дека Ципрас, во своето досегашно управување со Грција од девевт месеци, повеќе придонел за продлабочување, отколку за разрешување на грчката должничко­финансиска, економска и социјална криза.

Според „Тајмс“, поради сето ова Ципрас требало да си замине, но сега кога успеа да обезбеди уште еден мандат, станува сосема јасно дека ако сака Грција да биде разбрана и почитувана од светот, ќе мора да се откаже од популизмот и популистичките претензии и нереални ветувања и да се зафати со работа. ­

– Новиот мандат му овозможува да започне со спроведувањето на острите реформи, што ги бараат меѓународните кредитори, што тој ги прифати за да ги добие неопходните 86 милијарди евра за покривање на неликвидноста и сервисирање на долговите, за да се спречи крахот на земјата, додава „Тајмс“.

Весникот, сепак, предупредува дека Ципрас како да не сака да се тргне од популистичките ветувања, што предизвикува нова загриженост во Брисел, а посебно во Берлин. Стравот доаѓа откако на предизборните митинзи, тој често порачуваше дека Сириза не верува во договорот со кредиторите што сега треба да ги спроведува.

„Фајненшл Тајмс“ забележува дека коцкањето со политичката иднина, доколку доживееше пораз, се покажа како исплатлива за Ципрас, додека „Индипендент“ оценува дека вчера Сириза извојувала „чиста победа“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top