Театарот „Војдан Чернодрински“ при ЦК „Марко Цепенков“ со претставата „Кирил и Методиј – who are you“ од Јордан Плевнеш, во режија на Мартин Кочовски, настапува на 22-то издание на меѓународниот фестивал „Еx Ponto“ во Љубљана, Словенија.
Претставата, која деновиве ја доби наградата за најдобра претстава на НЕТА во рамките на годинашното издание на фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица, ќе биде прикажана како словенечка премиера од 21 часот во театарот на Старата местна електрана.
Ова е четврто гостување на прилепскиот театар на овој реномиран меѓународен фестивал на изведувачки уметности, кој годинава е мод мотото „Само мој свет“.
– Задоволство ни е што повторно гостуваме на „Екс Понто“, бидејќи ова е копродукцискиот проект со НЕТА. Фестивалот „Екс Понто“ имавме чест еднаш да го отворивме, еднаш да го затворивме, а со „Кавкаскиот круг со креда“ од Брехт, во режија на Мартин Кочовски, кога бевме апсолутни победници, што значи дека љубљанската публика одлично го познава нашиот ансамбл – велат од театарот.
Претставата „Кирил и Методиј – who are you“, светската премиера ја имаше на 2 септември во Букурешт, а праизведбата беше на 14 август на „Охридско лето“. Театарот по враќањето од Љубљана продолжува со настапи на фестивали низ Македонија.
На 25 септември ќе гостува во Штип, каде на детскиот фестивал ќе ја изведе „Како се станува цар“ во режија на Кирил Петрески.
На крајот на септември гостува во Тетово на 4 -от меѓународен театарски фестивал, каде ќе ја прикаже „Буре барут“ во режија на Наташа Поплавска, додека во октомври со претставата „Премиера во …“, во режија на Коле Ангеловски, ќе настапи на фестивалот „Денови на комедијата“ во Куманово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


