| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски изврши увид во изградбата на двата моста во Порој

Премиерот Никола Груевски доцна попладнево изврши увид во изградбата на два дрвени моста во Порој кои претрпеа значителни штети во текот на поплавите во агвуст, годинава.

Активностите за изградба на нов мост или целосна поправка ги изведува Инженерскиот батаљон од Првата механизирана пешадиска бригада при АРМ.

Мајорот Васил Митевски го информираше премиерот за целосно завршување на обновата на мостот во должина од 10,15 метри на кој има патека за возила и патека за пешаци, а истиот има носивост од 4.000 килограми со што им се овозможува премин преку овој мост и на трактори со приколка.

Според Мајорот Митевски во обновата на мостот биле користени 20-30 проценти од стариот материјал на мостот додека се друго е нов материјал. Исто така потенцираше дека добиле голема поддршка од месното население и од локалните власти.

Обновата на овој мост била завршена за дваесеттина дена, додека другиот мост кој се гради целосно нов ќе биде готов за десеттина дена. Митевски информираше дека овој мост е нешто подолг и изнесува 11,50 метри, со патека за возила и пешаци и носивост од 4.000 килограми.

Претседателот на Месната заедница, Бедри Беџети одговарајќи на прашање на Премиерот Груевски зошто месното население сакало мостот да биде изработен од дрво, а не од цврст материја, посочи дека доколку мостот биде изграден од бетон или железо може да предизвика поголеми штети во случај на евентуални поплави.

132810844

Премиерот Груевски ги информираше граѓаните на Порој и околните населби дека Дирекцијата за заштита и спасување ќе продолжи со активностите за расчистување на наносите од песок и кал од двете страни на регионалниот пат Тетово-Јажинце, кој минува низ Порој и кој поради поплавите во август, една недела беше во прекин.

Груевски изрази благодарност до припадниците на АРМ за успешно изведените активности на двата моста во Порој.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top