Водата во ООУ „11 Октомври“ во општина Центар е хемиски и бактериолошки исправна за пиење. Ова го покажале резултатите од испитувањето на шест мостри од водата од шест различни места во училиштето, кои биле испратени во Центарот за санитарна контрола и надзор на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.
Резултатите од испитувањето на водата денеска пред Центарот за санитарна контрола и надзор ги соопшти Благоја Филиповски, портпарол на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје. Со ова, посочи тој, се демантираат шпекулациите дека водата била причина за труењето во училиштето.
– Ние секојдневно вршиме контроли на територијата на град Скопје на 50 различни места во денот. Водата не само што е безбедна за пиење, туку е втора по квалитет најдобра во Европа, рече Филиповски.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека дел од земените мостри се од одделот каде што биле пријавени најмногу ученици дека биле затруени.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.