Единицата за општ криминал поднесе кривична пријава против П.С.(24) од Скопје поради основано сомнение дека извршил две кривични дела, „разбојништво“ и „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“, како и против И.П.(22) од Скопје кој се сомничи за кривично дело „разбојништво“, за што од страна на судија во претходна постапка на двете лица им е одредена мерка притвор во траење од по 30 дена.
Како што соопшти МВР; кривичното дело разбојништво пријавените го извршиле на 3 април годинава во вечерните часови, на подрачје на Аеродром, на тој начин што заедно со уште 10-15 засега непознати лица дошле на булевар „Јане Сандански“, каде ги пресретнале оштетените и без никаква причина и предупредување започнале да ги удираат со тупаници, клоци и тврди предмети по телото и главата, по што откако оштетените паднале на земја, им ги одзеле мобилните телефони и со трчање се оддалечиле во непознат правец.
– Сторителите при извршувањето на кривичното дело на првиот оштетен му нанеле тешка телесна повреда, а на вториот оштетен му нанеле телесна повреда. Со извршување на кривичното дело се стекнале со противправна имотна корист од околу 32.000 денари, соопшти МВР
Оттаму посочуваат дека на 17 септември годинава во службените простории на Полициската станица Гази Баба во присуство на јавен обвинител извршено е класично препознавање на лица по методот на смотра, при што едниот оштетен со сигурност ги препозна пријавените како лица кои го извршиле кривичното дело разбојништво.
– Врз основа на претходно издадена наредба за претрес извршен е претрес во домовите на двајцата пријавени, при што во домот на П.С. биле пронајдени 13 пакувања со непозната растителна материја, како и два мобилни телефони кои се одземени со потврди за привремено одземени предмети. Одземените пакувања се предадени за вештачење по кое е заклучено дека растителниот материјал од сите пакувања, со вкупна нето маса од 645 грама, претставува опојна дрога – марихуана, се прецизира во соопштението од МВР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.