Рокот за постоење кризна состојба на јужната граница поради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија се продолжува до 15 јуни 2016 година. Предлог одлуката со 82 гласа „за“ и ниту еден „против“ и „воздржан“ ја прифати денеска Собранието на Република Македонија, пренесе МИА.
Министерот за внатрешни работи Митко Чавков образложувајќи ја потребата од продолжување на рокот, рече дека веќе донесената Одлука за прогласување на кризна состојба во траење до 30 дена ги даде резултатите, но дека се соочуваме со ситуација во која причините за прогласување на кризната состојба продолжуваат да постојат.
– Притисокот на нашата јужна граница е се уште голем. Информациите кои ги имамаме говорат дека бројот на илегални мигранти кои би ја користеле таканаречената Балканска рута нема да се намали во догледно време. Дополнителен проблем претставува фактот што ЕУ се уште нема усвоено заедничко решение за справување со кризите. Во меѓувреме нема ниту усогласен регионален пристап, а државите од регионот преземаат национални мерки без меѓусебна координација, рече Чавков.
Додаде дека Владата, надлежните институции и Центарот за управување со кризи продолжуваат да ја следат состојбата на дневно ниво и врз основа на направените анализи се носат соодветни одлуки. За справување со зголемениот број мигранти, како што рече, е изготвен и план за одговор со три различни сценарија, а кој од нив ќе се имплементира зависи од развојот на настаните.
– Република Македонија има капацитет да ја гарантира безбедноста на своите граѓани, рече чавков додавајќи дека поддршката на пратениците на оваа предложена одлука ќе биде една важна алатка за сите институции кои се справуваат со проблемот.
Претходно со одлука кризна состојба беше прогласена на 19 август 2015 година во траење од 30 дена. Според информациите што ги изнесе министерот Чавков преку територијата на Репугблика Македонија од почетокот на годинава транзитирале 300.000 илегални мигранти, а откако е прогласена кризна состојба се регистрирани 35.630 мигранти, но вистинскиот број е многу поголем.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.