| четврток, 6 декември 2018 |

Расте извозот на храна

Тутунот, лебот и белите печива, виното, зеленчукот, јагнешкото и овчото месо, но и колбасите се меѓу првите 10 земјоделски производи што лани сме ги извезле од земјава. Тутунот останува култура број еден, и по количина и по вредност, која заминала преку граница. Втори на листата се виното и на точење и пакуваното вино, па следува јагнешкото месо. Меѓутоа, најголем девизен прилив, сепак, се остварува од извозот на овошјето и на зеленчукот

Земјоделството последниве години го доживува својот процут. Годинава лошите временски услови лошо влијаат врз приносите, во поглед на квалитет и на количини, но, во целост, земјоделството со крупни чекори оди напред. Владината помош во облик на субвенции на земјоделците им отвори можност да го планираат и зголемат производството, што влијае позитивно врз вкупната економија, со оглед на тоа дека расте девизниот прилив. Податоците покажуваат дека за една година извозот на храна пораснал за дури 42 милиони долари. Тутунот, лебот и белите печива, виното, зеленчукот, јагнешкото и овчото месо, но и колбасите се меѓу првите 10 земјоделски производи што лани сме ги извезле од земјава. Тутунот останува култура број еден, и по количина и по вредност, која заминала преку граница. Нема официјални податоци за извезената количина, но судејќи според откупот, надвор од границите заминале повеќе од 30.000 тони. Втори на листата се виното на точење и пакуваното вино, па следува јагнешкото месо. Меѓутоа најголем девизен прилив, сепак, се остварува од извозот на овошјето и на зеленчукот. Според податоците од Народната банка, лани извозот на храна бил во вредност од 388,2 милиони долари и е на рекордно ниво во последните десет години. Споредено со 2004 година, кога вкупниот извоз на прехранбени производи изнесувал 125,6 милиони долари, сега девизниот прилив од извоз на храна е трипати поголем. Само за една година извозот на храна од 2013 до 2014 година пораснал за 42 милиона долари. Преку граница, покрај тутунот, заминале 2.804 тони овчо месо, вредно 18,1 милиони долари, 70.212 тони зелка за 18 милиони долари, 68.687 тони јаболка вредни 17,1 милиони долари, како и 29.366 тони домати за 16 милиони долари. Рекордниот извоз според надлежните се должи на зголемувањето на производството како резултат на ефективната политика на поддршка од страна на Владата, но и од добрите цени што се постигнати лани кај повеќето земјоделски производи.

– Земјоделството ги дочека своите пет минути. Ситуацијата сѐ уште не е идеална, има уште многу проблеми што треба да се решат, но, во основа, државната помош за оваа област придонесе за зголемување на производството, но и за подобрување на неговиот квалитет. Се применуваат посовремени агротехнички мерки на постојните површини, се одгледуваат нови култури, кои вкупно значат дека земјоделството има светла иднина – велат од земјоделските здруженија во земјава.

ekonomija158-2

Според нив нашето поднебје дава одличен квалитет на храна, што, секако, треба да биде предност на надворешните пазари.

– Кој пробал од нашето овошје и зеленчук, повторно го бара бидејќи знае дека е со извонреден квалитет. Потенцијалот на македонското земјоделство е голем, само треба да се искористи – додаваат земјоделците.

ekonomija158-3

За една година вкупниот извоз на храна пораснал за 47,2 проценти во споредба со јануари лани, објави Државниот завод за статистика. Вредноста на откупените земјоделски производи од индивидуалните земјоделски производители е зголемена за 54,4 проценти, а продажбата од сопствено производство на претпријатијата за 12,7 проценти. Статистиката бележи зголемување на вредноста на откупените и на продадените земјоделски производи кај индустриските растенија, алкохолните пијалаци, добитокот, живината и јајцата, млекото и млечните производи и рибата, а намалување кај житото, зеленчукот, фуражните растенија и грозјето. Најзначајни партнери на Македонија и на извозната страна се земјите од ЦЕФТА – Србија, Kосово, Хрватска и Босна и Херцеговина, каде што се извезуваат 52 отсто од македонските производи, а потоа е ЕУ со 41 процент. Со истиот процент ЕУ учествува и во увозот, а 39,6 проценти се увезуваат од земјите на ЦЕФТА, по што следува Бразил со 7,9 проценти од вкупниот увоз, пред сѐ, во делот на месо.

ekonomija158-4

Освен што расте извозот, се прават напори да се намали и увозот на храна, а тоа најдобро го илустрира проектот за развивање на бројлерското производство, со оглед на тоа дека за увоз на пилешко секоја година се одлеваат по 50 милиони долари. За развој на живинарството во Македонија в година од Буџетот ќе се одвојат околу три милиони евра за да се изгради фабрика за производство на јајца во прав и конзервирани јајца, а доколку биде неопходно ќе се гради и кланица. Според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков, главна цел е во наредните пет години да се намали увозот на пилешко месо во Македонија и да се зголеми домашното производството на живинско месо од сегашните 500 тони, кое покрива само пет проценти од домашните потреби на пазарот.

– Увозот на месо од живина нѐ чини околу 50 милиони евра годишно и е најголемата поединечна стапка во увозот на земјоделско-прехранбените производи. Со порастот на производството на пилешко месо се предвидува постепено намалување на увозот, а оптималните очекувања се производството да се зголеми и да покрива 30 отсто од потребите на пазарот во наредните пет години – рече Цветков.

Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 158. број на неделникот „Република“, 11.09.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top