Единствената дилема на овие избори што ќе се случат по околу 200 дена е колкава ќе биде разликата меѓу двете најголеми партии, дали ВМРО-ДПМНЕ може да дојде до апсолутно мнозинство и што ќе се случува во опозицијата по новиот пораз.
Објективно, можноста сегашната владејачка партија да добие 62 пратеника е минимална, во зависност од изборниот модел (доколку воопшто биде променет) ВМРО-ДПМНЕ може да добие меѓу 50 и 58 пратеници, што е доволно за стабилна влада во наредните четири години или сѐ до некоја нова политичка криза, која, како правило, ѝ се случува на земјата.
Албанските партии ДУИ и ДПА не сакаат ни да помислат да коалицираат со СДСМ поради низата напади што ги доживеаја Ахмети и Тачи, што дополнително ја отежнува ситуацијата во таборот на СДСМ, кој дури, во најдобра ситуација, да освои и само неколку пратеници помалку, не може да се надева на некаква трговија со ДУИ и со ДПА при формирање нова влада.
Статистичарите и сериозните политички аналитичари ќе ви кажат дека резултатите од изборите не можат драматично да се променат на неколку месеци пред гласањето. Можните промени се до максимум три проценти, вклучувајќи ги и маргините на грешка, но само ако во периодот пред нас се случат тектонски нарушувања во економијата, безбедноста и во меѓуетничките односи. Според неофицијалните и, се разбира, непотврдени информации од таборот на СДСМ, анкетите на опозицијата калкулираат со рејтиннг меѓу 12 и 16 проценти за социјалдемократите и меѓу 19 и 23 за ВМРО-ДПМНЕ. Се разбира, понекогаш нереалниот политички оптимизам овие бројки ги гледа така како што е најдобро за активистите, па така СДСМ во своите анализи претежно се потпира на најдобрата варијанта за нив, при што се користи највисокиот рејтинг кај себе, а најнискиот кај противникот. Но дури и оваа разлика од три проценти, која е само теоретска, не може да биде стигната за само шест месеци, колку што, објективно, имаат партиите до избори. Овен ако Заев и неговите сопартијци не најават некакви драматични промени поткрепени со проекти, финансии и конкретни решенија за македонските проблеми, впечаток е дека дури и разлика од еден процент е тешко да се стигне.
Ако ВМРО-ДМПЕ размислува како СДСМ тогаш разликата е 11 проценти, која и теоретски е недостижна во услови на остра поделба во јавноста за прашањето која партија е најкорисна за Македонија. Слично е и со математички средниот резултат 14 проценти за СДСМ, наспроти 21 процент за ВМРО-ДПМНЕ. Досегашните искуства, особено од последниве четири изборни циклуси, покажува дека промената на неколку месеци не е доволна за промена на власта.
Бездруго, како и во секоја друга демократија, можни се изненадувања што ќе влијаат на граѓаните да се откажат од својата опција во интерес на друга, или, пак, да ги натера неопределените да гласаат за опозицијата, но со оглед на досегашната практика и за тоа постои мала веројатност. Со перфидните манипулации со случајот „Монструм“ и со смртта на Никола Младенов во текот на објавувањето на „бомбите“, огромен дел од јавноста е убедена дека не може да му се верува на Заев кога зборува во идно време и за ситуации што, благо кажано, се сомнителни. Со манипулацијата на социјалдемократите скриена меѓу редови, тие ја загубија и можноста да влијаат и кај тие што ретко излегуваат на избори. Апстинентите токму поради ваквата игра „под појас“ не веруваат ниту во Заев, а од претходно решиле да не гласаат ниту за ВМРО-ДПМНЕ. Со тоа во игра остануваат веќе определените, кои најчесто мислат дека ВМРО-ДПМНЕ сигурно победува или, пак, мислат дека СДСМ може да победи, но дека Заев, по сите негови јавни инциденти, не е кадарен да ја води државата.
Всушност, најголемата грешка на СДСМ е што со своето поведение во последниве три месеци испрати порака дека изборите се веќе загубени. Додека Груевски шета и договара проекти во Ростуше, Лескоец, Росоман и во Свети Николе, СДСМ дозволи да го снема од јавноста. По интензивната кампања во екот на бомбите, СДСМ си дозволи единствените вести за него да бидат поврзани со снобовски летувања или со технички детали од планот за спроведување на Договорот од Пржино. Едноставно, опозицијата загуби цели три месеци во кои можеше барем да почне да го убедува народот дека се случува нешто. Во исто време, опозицијата го загуби својот најважен столб во обидот да прикаже дека има економска програма. Заминувањето на професорот Ванчо Узунов во овој период е, можеби, најголемиот удар за кој не може да се обвинува Груевски, туку само системот врз основа на кој функционира најголемата опозициска партија. „Раскинувањето“ со невладиниот сектор е уште една од спорните мерки на СДСМ со која сакаше да даде претстава дека се оттргнува од мрежата невладини организации на фондацијата на Сорос, што е, можеби, логично, но само ако се работи за информираната јавност. За најголемиот дел од помалку инфомираната јавност пораката беше дека СДСМ е во конфликт со невладините организации, па дури и со помалите партии од коалицијата, која ја градеше со години.
Старанците не се фактор
Поддршката на странскиот фактор на која сметаат голем број од членовите на СДСМ е, исто така, под знак прашалник. Искуството со најавата дека антивладиниот протест во мај ќе биде лично поддржан од неколку странски амбасадори, покажа дека дипломатите немаат влијание кај најголем дел од јавноста. Во некои случаи дури прават и штета. Комбинациите од лоши дипломатски изјави (евроамбасадорот Орав за Славомакедонци, американскиот амбасадор Бејли за Словени – Македонци), непочитувањето на одлуката на меѓународниот суд во Хаг за името и глобални теории на заговор, кои најчесто ги објавуваат медиуми што со симпатии гледаат на Русија, се трите главни причини зошто за опозицијата е крајно опасно директно вклучување на странските дипломати во домашната политичка пресметка. Кога дури и симпатизерите на СДСМ не можат да разберат зошто ЕУ и НАТО го одобруваат ветото на Грција, не е тешко да се замисли како реагираат неопределените кога амбасадорите на земјите од ЕУ и од НАТО заземаат страна во „македонцките работи“.
Ефектот на бомбите
Не е тешко да се претпостави дека СДСМ ќе се обиде до крај да ги користи последиците од објавените бомби и дека во текот на изборната кампања ќе користи нови или ќе ги повторува спорните моменти од веќе објавените прислушувани разговори. И не е спорно дека кај одредена категорија граѓани тие ќе имаат ефект, но факт е дека СДСМ не го искористи својот џокер каков што немал никој друг во историјата на политиката, барем на Балканот. Пропаста на планот за уривање на Груевски преку објавување илегално снимени разговори покажа дека не се доволно само црнила за противниците за да се дојде на власт, како што покажа дека понекогаш придобивките што ги добиваат граѓаните се повредни од најцрните кампањи на политичките противници.
По повлекувањето на Црвенковски, СДСМ пропушти можност да се реформира и да влезе во нова фаза во која идеите и умот, а не богатството и моќта на лидерот треба да биде пресуден критериум за новото раководство. Од тој аспект, ако во периодот пред нас нема тектонски нарушувања на политичката сцена и овие редови се покажат како вистина, тогаш, можеби, е добро уште отсега опозицијата да се насочи кон постизборието, кога, конечно, треба да го најде вистинскиот пат место да се врти во лавиринтите на политиката.
Пишува: Горан Момироски
(Текст објавен во 158. број на неделникот „Република“, 11.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.