За кого бијат камбаните во СДСМ? Малкумина социјалдемократи, воопшто, би размислиле пред да одговорат. Другите, пак, би се пошегувале дека во таква атеистичка констелација камбаните се непосакувана, табу-тема. А името на човекот за смена е јасно и видливо од авион, а поверојатно и од спејс-шатл. Шансата ја имаше, а катастрофалните резултати се пресудниот фактор што го навести свилениот конец. Сѐ погласни се муабетите дека старото членство наголемо си го бара стариот лидер, а старата и отсечена врхушка – кој било лидер, само не Заев. Единствени поддржувачи на струмичкиот месија останаа оние заслепените од неговите бомби, кои и кампуваа за него пред владата. А нив ги има малку, така покажа камперската евиденција при попладневните постројувања кога ѝ се интонираше партиската химна. Наутро не можеа, во тие часови никој не беше буден – резултат на силните забави и мноштвото лоши диџеи и досадни, излитени трибини.
Веста, пак, за свилениот конец за самопрогласениот спасител ја донесе, кој друг, ако не апостолот на „Канвас“. Башка и на Сорос, побитниот дел од приказната за човекољубието и за ширењето на омразата кон ближниот свој. Јуришникот, кој без срам и перде, самобендисано си се нарекува експерт за комуникациски техники, непредизвикан со ништо го доведе во прашање лидерството и ефектот од неговиот учинок кај странскиот фактор. А токму тој фактор е најбитниот, нели? Барем за чедата Соросови, кои онанираат и егзистираат воспевајќи го неговото име.
Истакнувањето на дилемата ги растревожи дури и проверувачите на факти, изведувачите на доходовната функција и најконтрадикторната дејност во државата. Фактите се факти и не се проверуваат, барем во светот, а во Македонија добивате солен хонорар за оваа невозможна мисија. Американски, се разбира. Тревогата во опозициските редови, пак, покажа дека нешто навистина се случува во подрумите на седиштето на СДСМ. Случајната изјава од промислениот јуришник е одамна исклучена. Поверојатно, се работи за прво предупредување или за жолт картон за лидерот. Имајќи ја предвид целата медиумска машинерија на унгарскиот филантроп, која со сите ресурси работи на одржувањето на патетичната опозициска приказна за божемната „антирежимска борба за слобода“ – флоскула, која треба да го надополни недостигот на програма, долгот на СДСМ кон е нив е голем, огромен, баснословен. А долговите кога-тогаш треба и да се платат. Проблемот е што овој долг, очигледно, стасал за наплата. Ама веднаш.
Воспитна шлаканица за враќање на долговите, веднаш!
Предупредувањето за лидерот дојде веднаш по еден, демек непромислен партиски чин. Само една недела пред жолтиот картон од Канвасовиот експерт за комуникација (веројатно како медиум со врховниот лидер од САД), СДСМ расчисти со услугите на осумдесет и две невладини организации. Нејсе што сите знаат дека овој развод е смешен и обременет со брачниот предговор, кој налага дузина министерски места за овие невладини организации во владата, некогаш во иднина раководена од партијата. Вистинскиот проблем е повторно во идното време. Поразителните анкети покажаа дека овој договор има дупки и дека трансформацијата на невладините организатори во владини министри ќе почека. Реакцијата на Соросовите миленичиња, пак, покажа дека ним не им се чека. Сакаат министерско место, веднаш! Единствен начин за исполнување на нивните желби, пак, е министерското место што СДСМ ќе го добие со договорот од Пржино. Колку и да било бенигно и ограничено во дејствувањата, тие ќе го воздигнат и ќе го воспејат на ниво на нов светски лидер. Е, тука лежи и големата болка на Соросовите чеда, која според извори во партијата, е длабоко навредена затоа што тоа нема да биде нивен извикан член. Главната поента на таканареченото раскрстување на социјалдемократите со овие осумдесет и две невладини организации беше токму и поради овој факт. По раскинот на љубовта – секој на своја страна, а истовремено сите од многу позиции со различна канонада кон истиот, замислен противник. Уште поважно, кандидатите за главните играчи кои опозицијата ги добива со договорот од Пржино, требало да им припаднат на вака замаскираните и скриени „независни“ луѓе. Едновремено, му ја затнувате устата на противничкиот табор, а добивате и поени кај странскиот фактор. Нејсе што дел од тој фактор ви ја дава платата и ви ги школува децата. Во странство, се разбира…
Основата на „експертовата“ воспитна шлаканица до лидерот лежи во фактот што притиснати од членството кое бара ширење на партискиот имиџ и свои докажани и препознатливи лица на овие позиции, социјалдемократите „заборавиле“ на интересите на мецената и пројавиле сепаратистички тенденции. Одвојување од Сорос и терање на сопствена, македонска политика е чин најстрого забранет во оваа партија. Поточно, наложен со декрет од „поубавата“ половина на врхушката, задолжена за спроведување на желбите на американско-унгарскиот бизнисмен.
Свилениот конец е омилен кај папата?!
Интересен момент е што поимот за свилен конец, овојпат како симбол за крај на кариерата во партијата за лидерот кој донесе само бламажа и штета за рејтингот, е поим нераскинливо сврзан со неговиот претходник. Неприкосновениот лидер, Бранко Црвенковски, папа или што уште не, терминолошки е во класична симбиоза со свилениот конец. Или, подобро кажано, со терминот „свилен конац.“ Според сведочењето на поранешните припадници на неговиот кабинет, оваа нумера е една од неговите најомилени (Ситна жица, везак танак. Ја малена, а ти сладак, јој…). Проблемот не е во лошата кореспонденција меѓу српската песна и симболиката на свилениот конец за неговиот наследник, туку во кулоарските приказни дека токму на човекот што ја љуби оваа нумера му е дојдено преку глава од вратоломните екскурзии и лупинзи, но и од односот на партиското чедо, кое меѓу другото, токму тој го амнестираше и го избра за наследник. Токму затоа, велат познавачите на состојбите на седиштето на СДСМ, кога ќе дојде моментот – адресант на свилениот конец ќе биде токму тој. Во забрзувањето на процесот ќе помогне и неговиот однос кон најблиските соработници на папата…
Патетиката за спас од неизбежното…
Соочен со јасното предупредување од Соросовите инсталации, лидерот побара спас во патетичното будење на емоциите кај социјалдемократите. Денот на независноста го започна со положување цвеќе на гробот на Киро Глигоров, а потоа цел ден не го извади од уста неговото име. Со секоја реченица, валкајќи го името на поранешниот претседател, спасителот од Муртино играше на картата за поени на сметка на човекот, кој во своите сведоштва за лицето кое токму оваа партија сакаше да го направи негов наследник, зборува како му нудел пари за да, буквално, го продаде името.
Во недостаток на програма, која треба да го даде рецептот како оваа партија на вечни незадоволници и неработници, планира да му го подобри животот на народот, најкористена флоскула беше „враќањето на слободата“. Аман, би рекле од Аман, но и тие се со нив, дел од оние невладини организации што, демек, раскрстија со опозицијата.
Влезени во филмот на копирањето, пак, ресавските следбеници го ископираа и сопствениот противник. И така, додека власта ја ора државата и во секое сокаче бара проблем на кој му треба решение, притоа решавајќи стотици проблеми при директните средби со граѓаните, и опозицијата се реши на истото. Само, во контекст на приказната за жабата и за коњот, и тие погрешно ја разбраа поентата. Додека едните им ги решаваат есенцијалните проблеми на луѓето како вработувања, сообраќајна инфраструктура, училишта, водовод, канализација, пристап на автобуси и многу други, реални проблеми, опозицијата повторно нуди воздух. Во недостаток на програма, која сѐ уште се крчка и ја пишува некој во Италија, Заев и натаму на сите им нуди „слобода“… „До последен здив ќе се борам за вас…“ – ова е само една, можеби и најпатетичната изјава на лидерот, кој, следејќи го својот противник ора по државата со својот тим и 70 години по вистинското ослободување и натаму ја ослободува, т.е. нуди само слобода, бидејќи сите живееле во „режим“. Меѓу нив и тој, кој пред само единаесет години, според сведочењето на штипскиот бизнисмен Мики Наумов, му барал заем од 500 евра за да купи автомобил од 4.000 евра, а сега располага со милиони. Истите тие силно загрижени политичари за сопствениот народ, не одговорија на жртвите на транзицијата, кои побараа народните пари заработени без работа – цели петнаесет пратенички плати или вкупно 800.000 евра да им ги дадат на стечајците. Филантропите професионално си премолчеа, исто како и медиумите финансирани од американско-унгарскиот урнек за човекољубие.
Компезација: Обоено раководство
Очигледно, по неуспешниот обид за обоена револуција во државата, финансиерите на чинот решија да обојат нешто друго. Барем нешто. По сите стативи, шансата ја видоа во боење на раководството на опозицијата. Ако не можат друго, ќе ја обојат со педесет нијанси на Соросовата сива боја, истовремено навредувајќи ги сивите ќелии на останатите два милиона во државата. И онака, сите „независни“ експерти се на нивниот платен список, истото важи за голем дел од медиумите, па време е и за конкретно преземање на опозицијата, која притоа не дава никаков отпор. Поведени од чувството на припадност кон повисоката, одбрана каста, „револуционерите“ буквално мазохистички уживаат во партиското боење со бојата на Сорос. Објаснувањето за нивните чувства, можеби лежи во неговата изјава за „Индипендент“ во 1993 година, година кога суверено владееше со грантовите во Македонија, со влада која беше повеќе од подобна. Џорџ Сорос изјави:„Кога се сметаш себеси за еден вид бог, креатор на сè, тоа е еден вид зараза. Но, се чувствувам удобно во врска со тоа, особено откако почнав да живеам на тој начин“.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 158. број на неделникот „Република“, 11.09.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.