Хрватската опозиција денеска ја обвини Владата во Загреб дека не може да се снајде со приливот на бегалци и дека ја залажува јавноста во врска со бегалската криза, а пратеникот на опозициската партија Истарски демократи, Дамир Кајин дури побара и затворање на границата кон Србија.
Кајин смета дека Хрватска треба да го следи примерот на некои земји од нејзиното опкружување и да ја затвори границата кон Србија, најмалку до вторник, за кога е закажано заседание на Советот на министри за надворешни работи на ЕУ посветено на бегалската криза.
Како што јави Хина, пратеникот Боро Грубишиќ од Хрватскиот демократски сојуз на Славонија и Барања праша зошто Хрватска би требало да докажува дека е хумана, кога други земји, како Полска, Словачка, Чешка и Унгарија, ги затворија своите граници за емигрантите.
Со слични ставови излегоа и пратениците на најголемата опозициска партија Хрватската демократска заедница (ХДЗ), кои оценија дека состојбата е се посериозна и се движи кон „конфузија и хаос“, а поранешната премиерка Јадранка Косор побара Хрватска да се однесува како „суверена и рамноправна членка на ЕУ во заштитата на своите национални интересе“, доадавјќи дека не сите стотици илјади имигранти бегаат од војна.
Пратениците од редовите на владината коалиција истакнаа дека сите институции во Хрватска во врска со бегалската криза работат согласно законите, оценувајќи дека состојбата со приливот на имигрантите е „исклучителчно сериозна, но не и толку драматична“ како што некои се обидуваат да ја претстават.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.