Казните и глобите секогаш биле најмалиот генератор на приходи во вкупниот Буџет на Македонија. Од вкупно изречените санкции во делот економија, вклучувајќи ги сите инспекторати и институции под нејзина надлежност, наплатени се 1,5 отсто што е минорна бројка, рече денеска ресорниот заменик-министер Христијан Делев на седницата на собраниската Комисија за економски прашања.
Според него, точно е дека нефискалните приходи се зголемени, но тоа е резултат на издадените 350 концесии за експлоатација во последните три години. Од концесиите доаѓаат 90 отсто од приходите.
– Не треба да се креира фама дека се казнува многу, бидејќи не е така – истакна Делев пред членовите на Комисијата кои расправаа по предлог-измени и дополнувања на 16 законски решенија. Измените главно се однесуваа на усогласувањето со Законот за прекршоци.
Станува збор, додаде, за сосема нов концепт – инспекторите најпрво им укажуваат на субјектите каде грешат, а санкциите се крајна мерка и се применуваат само ако грешките се повторуваат.
– Целта на концептот не е собирање приходи во Буџетот од казни, туку подобрување на работата на субјектите и корегирање на нивните евентуални отстапки. При контролите, инспекторите најпрво делуваат како вид советодавен орган, им укажуваат на субјектите каде грешат и ги едуцираат и упатуваат како да го подобрат работењето, како да се кореигираат таму каде што прават одредени отстапки. Санкциите се последниот инструмент што се применува- потенцира Делев.
Пратениците од опозицијата ги поддржаа измените на законите само зашто со нив се намалуваат казните за компаниите и граѓаните, но, како што нагласија, ќе интервенираат со амандмани за уште поголемо намалување, до најмалку 50 отсто.
Квалификувајќи го ваквиот чекор како популистички и дел од предизборната кампања на власта, побараа точна бројка за собраните пари во Буџетот од досега наплатените казни. Една од забелешките беше и тоа што пред три години СДСМ поднела ваков закон, но владејачката партија не го прифатила, а сега носи слично решение.
– Со овие законски измени ВМРО-ДПМНЕ признава дека изминатите осум години водела погрешна прекршочна политика, практикувала и изрекла многу високи казни. Колку фирми се затворија поради глобите, колку луѓе останаа без работа и колку од нив земаа кредити за да ги платат изречените казни- рече Марјанчо Николов од СДСМ.
Пратениците на СДСМ не се согласија ниту со начинот на кој е проектирано намалувањето на глобите – минималната сума се бриши, а се остава максималната и врз основа на неа се одредува висината на казната.
Заменик-министерот Делев појасни дека токму ваквото решение е логично и ќе овозможи кај малите фирми и трговците-поединци казните да се намалат не само за 50 отсто, туку дури и за 70 проценти.
Во текот на расправата реплицираше и Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, отфрлајќи ги како неточни тврдењата на СДСМ.
– Ова решение беше во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, а целта е да се подобрат условите за работа на стопанските субјекти- посочи Кузмановска.
Глобите согласно Законот, се пресметуваат врз основа на три услови – вкупен приход на фирмата, нејзино поведение и просечен број вработени, и за нив, пратениците од СДСМ немаа забелешки.
На дневен ред на седницата беа прдлог-измените и дополнувањата на законите за угостителкса дејност, за возила, за трговските друштва, за едношалтерскиот систем, за ТИРЗ, за електронска трговија,…
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државната статистика не беше разгледан поради неприсуство на владин повереник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.