| четврток, 6 декември 2018 |

Владина поддршка за промоција на македонското земјоделско производство

саем

Користејќи ги можностите кои ги нуди овој владин проекти, домашните компании од земјоделско-прехранбениот сектор континуирано учествуваат на најголемите и најреномираните саемски манифестации во светот, пред сè во земјите кои имаат огромен потенцијал за апсорпција и преставуваат брзорастечки пазари.

Во рамки на оваа поддршка која е наменета за национална промоција на македонските земјоделско-прехранбени производи кои имаат најголем извозен потенцијал, како што  се: високо квалитетното флаширано македонско вино, свежото овошје и зеленчук и производите добиени со преработка на овошјето и зеленчукот, Владата излегува во пресрет на компаниите од овие сектори за здружен национален настап на најреномираните саемски манифестации и создавање на нови и дополнителни можности за зголемување на извозот на земјоделските производи.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев вели дека во досегашниот период оваа поддршка ја финансираат со околу 1,5 милиони евра. Според Ѓорѓиев истата дава навистина позитивни резултати, особено ако се земат во предвид зделките кои компаниите ги склучиле за време на саемите во вредност од над 20 милиони евра.

-Тоа е навистина добра мотивација и за останатите компании кои имаат реален извозен потенцијал, да земат учество во ваквите активности. Тоа може да го направат со едноставно пријавување во Министерството за земјоделство. Следните саеми ќе бидат во Германија, во Кина. Ќе имаме поголем број на промотивни настани за промоција на македонското вино во Данска, Холандија, Англија, САД. Тоа е добра можност за искористување од страна на домашните компании од областа на земјоделството и преработувачката индустрија – вели Ѓорѓиев.

Поддршката се однесува на 100 проценти покривање на потребните средства за закуп на простор на саемот, изградба на национален штанд, опремување и дизајнирање на штандот и изработка на промотивни материјали, преку што се создаваат одлични услови заинтересираните компании да ги промовираат своите производи на овие реномирани саемски манифестации.

Ваквата поддршка за компаниите е одлична можност за промоција на производите и освојување на нови пазари, како и можност за зголемување на профитот на домашните компании преку потпишување на нови договори.

Во рамки на оваа поддршка своето производство на саемските манифестации досега го промовираа 15 македонски винарии, 35 производители на свежо овошје и зеленчук и 30 преработувачи на овошје и зеленчук.

Планот за оваа година веќе се реализира и досега повеќе од 40 компании како и здруженијата на земјоделци преку оваа поддршка веќе учествуваа на повеќе саемски манифестации и промотивни настани.

Оваа година македонските компании –  производители на овошје и зеленчук досега имаа успешен настап на најголемиот саем во светот за свежо овошје и зеленчук Фрулогистика 2015 – Берлин, World Food (Мир Питание) 2015 (саем за свежо овошје и зеленчук) и саемот World Food 2015 –  Варшава, македонските винарии имаа настап на саемот за пијалоци Продекспо 2015 – Москва и најзначајниот саем за вино во ЕУ – Prowein 2015 – Дизелдорф, додека пак најголемите извозници на конзервирани преработки од овошје и зеленчук имаа успешно претставување во Прага.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top