Македонија и Црна Гора имаат симболична трговска размена од околу 12 милиони долари во првите шест месеци од 2015 година. Најголем проблем за подобра економска соработка е лошата сообраќајна поврзаност која оневозможува почести контакти меѓу компаниите и стопанствениците.
Во рамки на официјалната посета на претседателот Ѓорге Иванов на Црна Гора, денеска во Подгорица беше организиран македонско-црногорски бизнис-форум на кој пред претставници на 45 компании од двете земји беа презентирани можностите за инвестирање во Македонија, поволниот амбиент и регулатива за отворање бизниси.
Претседателите Ѓорге Иванов и Филип Вујановиќ на отворањето на форумот истакнаа дека во сите области е постигнат максимум во соработката меѓу двете држави, но економската, каде што има голем потенцијал, е условена од отежнатата патна инфраструктура.
Комуникацијата на бизнис-заедниците ќе биде подобрена преку поврзување на Јадранско-јонската магистрала со коридорите 8 и 10, за која претседателот Иванов рече дека треба час поскоро да биде завршена. Побрзо решение на овој проблем се очекува со отворањето директни авиолинии Скопје – Подгорица и Скопје – Тиват кои во туристичка сезона би биле почести и во двата правца, а вон сезона да има летови неколку пати неделно. Тоа ќе се постигне и преку субвенционирање на нискобуџетни авиокомпании.
– Овој форум е можност да се запознаете и ја да развиете соработката во оваа насока. На нас, политичарите, е да ги отстрануваме бариерите и да ви создаваме услови за соработката.Но, на вас, стопанствениците, е да ги препознаете можностите и да ги искористите. Ако Македонија и Црна Гора можат да имаат заеднички амбасади, тогаш зошто македонските и црногорските компании да немаат заеднички настапи на трети пазари? Заедно можеме да бидеме и поконкурентни и попривлечни на европскиот и глобалниот пазар – рече претседателот Иванов и ги покани црногорските бизнисмени да ја посетат Македонија, да се запознаат со постојните капацитети и со позитивното искуство на компаниите кои веќе работат во нашата земја.
И претседателот Вујановиќ подвлече дека во економијата може да се направи значајно повеќе.
– Нашата надворешна трговска размена е приближно на ниво од 30 милиони евра годишно, што е малку за потенцијалот на нашите две држави. Ние имаме многу сериозен дефицит во размената, го намалуваме со тоа што ги промовираме нашите извозни можности но не доволно. Од независноста Македонија вложила во Црна Гора 9,5 милиони евра преку своите инвестиции. Тоа е навистина малку иако за економско партнерство во целина постои добра основа и база од договори и спогодби за квалитетна соработка на компаниите, како и добра институционална поврзаност за промоција на економската соработка – рече Вујановиќ.
Тој ги повика бизнисмените од Црна Гора да придонесат во развивањето на економската соработка и притоа укажа дека Владата на РМ го стимулира вложувањето со бројни и квалитетни услови и Македонија е земја каде што инвеститорите се почитуваат.
Можностите за инвестирање во Македонија на црногорските компании им ги презентираше министерот за странски инвестиции Бил Павлевски.
– Посебно во делот на турзимот и туристичките развојни зони кои ги нудиме во Македонија, како на пример компанијата АМАН-груп со која имавме состаноци денеска. Тие може да ги разгледаат можностите да инвестираат во изградба на некој луксузен хотел или ресорт во Македонија. Но целта на формот е да се продлабочи трговијата меѓу двете земји која во овој момент е 30 милиони евра годишно и е многу ниска, а постои можност тоа драстично да се зголеми- изјави Павлевски по презентацијата на форумот.
Жељко Видаковиќ, потпретседател на Унијата на работодавачи на Црна Гора изјави дека форумот бил можност за продлабочување на пријателските односи кои не се така интензивни во стопанството.
– Македонија со своите потенцијали има голема шанса за многу поголем пласман на квалитетни земјоделски производи во Црна Гора, која годишно увезува скоро половина милијарда евра храна. Ние, пак, имаме шанси да земеме поголемо учество на големиот туристички пазар во Македонија, што може да се постигне со воспоставувањето постојана авиолинија за која се залагаат претседателите на двете земји. Тоа би повлекло не само туристичка, туку и други видови економска соработка – рече Видаковиќ.
Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерација на Македоонија изјави дека со Унијата на работодавачи на Црна Гора имаат воспоставено и одржуваат социјални и економските односи. Како бизнис-заедница, рече тој, се заинтересирани и за учество во дистрибуција на прехранбени продукти и на други производи преку воспоставување карго врска меѓу двете земји.
На форумот учествуваше и претприемачот Илија Вучков, како претставник на претприемаштвото во Македонија, што е во согласност со програмата на претседателот Иванов – во делегацијата на РМ за презентација на бизнис-можностите да учествуваат и млади претприемачи, претставници на мали и средни бизниси, кои нудат иновативни услуги и производи.
Со македонско-црногорскиот бизнис-форум во Подгорица, претседателот Иванов ја заврши својата втора официјална посета на Црна Гора.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.