Лавина однесе група алпинисти-аматери на планинскиот масив Екрин во француските Алпи и според првите информации пет лица ги загубиле животите, а две се исчезнати, јави дописникот на МИА од Париз.
– Има пет загинати и двајца исчезнати – соопшти префектот на Горни Алпи, Пјер Беснар.
Според информациите, меѓу загинатите двајца се германски државјани, а тројца чешки. Повреден е уште еден алпинист, кој е полски државјанин.
Драмата се случила околу пладне на Доме де Неж дес Екрин на 4.105 метри надморска височина, врв кој е често посетуван од алпинистите-аметери поради неговата лесна приодност. Во лавината биле зафатени осум алпинисти во три различни групи.
Според префектурата, метеоролозите не издале никакво предупредување за можна појава на лавини, иако имало заврнато малку снег. Лавината започнала на височина од 3.900 или 4.000 метри над патот за искачување кон врвот.
Според жандармеријата, на оваа височина на планината веќе владеат зимски услови.
Потрагата по исчезнати ја водат 15 жандарми од специјализираната планинска единица од Бријансон, со помош на хеликоптери.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.