Американскиот заменик претседател Џо Бајден му порача на црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ дека САД се подготвени да го поддржат членството на Црна Гора во НАТО, доколку државата продолжи со реформите и ја зајакне поддршката на јавноста за членство во Алијансата.
Бајден во телефонски разговор со Ѓукановиќ нагласил дека доколку Црна Гора продолжи со напредокот во тие области, САД се подготвени да поддржат испраќање на покана за членство на Црна Гора на декемврискиот состанок на министрите за надворешни работи на Алијансата, пренесува Радио-телевизија Црна Гора.
Ѓукановиќ истакнал дека Црна Гора е целосно посветена на реформите и дека уште посилно ќе продолжи со исполнување на обврските во процесот за приближување кон НАТО и ЕУ.
Бајден и Ѓукановиќ изразиле согласност дека членството во НАТО цврсто ќе ја поврзе Црна Гора со евроатлантските институции, ќе придонесе за регионалната стабилност на Балканот и ќе го потврди кредибилитетот на политиката на НАТО.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.