Американските научници открија дека консумирањето риба го продолжува животот барем за две години. Возрасните луѓе што јадат риба го намалуваат ризикот од предвремена смрт за 25 проценти, благодарение на високото нивоа на омега-3 масни киселини содржани во рибата и во морските плодови. Научниците откриле дека ризикот од смрт од срцево заболување се намалува за една третина во споредба со постарите лица кои имаат ниски нивоа на масни киселини во крвта.
Ова е прво истражување кое го анализира односот на потрошувачката на риба со смртноста. Истражувачите од „Харвард“ открија дека луѓето на 65-годишна возраст со највисоки нивоа на масни киселини во крвта живеат во просек по 2,2 години повеќе од оние со пониски нивоа.
– И покрај тоа што користењето риба во исхраната долго време се смета за неизбежен дел од здравата исхрана, малку се правени истражувања за односот меѓу нивото на омега-3 во крвта и смртноста кај постарите луѓе. Нашето откритие ја потврдува важноста на адекватните нивоа на омега-3 во крвта за крвотокот и покажува дека подоцна во животот може да го зголеми траењето на животот – изјави раководителот на истражувањето, доцент Дариуш Модафариан од Факултетот за епидемиологијата.
Рибата обезбедува омега-3 масни киселини, кои се од суштинско значење за развојот на мозокот, и се смета дека ги намалуваат воспалителните процеси во мозокот, кардиоваскуларниот систем и во другите клетки. Претходните истражувања открија дека со редовно консумирање риби се намалува опасноста од смрт од срцеви болести.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.