Истрагата со фиктивните станови, кои според полицијата, ги продавале фризерката Благица Дончевска и нејзиниот татко, покажа дека измамени граѓани имало и во Охрид и во Струга, со што вкупниот број на оштетени се искачи на 36 лица, објави „Охрид прес“.
Аферата на фризерката Благица Дончевска допрела и до Струмица и Охрид. Две семејства од овие градови се новите оштетени во станбената измама, информираат од МВР. Струмичанецот упатил околу 6.500 евра. До охриѓанецот полицијата дошла проверувајќи ги двете сметки во Струга и Охрид на кои легнале вкупно 200.000 евра (11,5 милиони денари) префрлени од сметката на таткото на Дончевска.
Охриѓанецот на инспекторите им објаснил дека на Дончевска и дал околу 100.000 евра. Откако не видел ништо од становите, на негово инсистирање, таа му вратила 40.000 евра но му останала должна уште 60-ина илјади евра, велат од МВР. Стружаните на чија сметка легнале 146.000 евра одлучиле за сега да не се пријавуваат како оштетени.
Според она до сега што беше објавено, бројот на оштетени граѓани во кои платиле за багателни станови а не добиле ни квадрат достигна 36 а сумата на пари кои пријавиле дека и ги дале околу 800 илјади евра.
Истрагата ги довела надлежните до сметка на Дончевска на која минатата година биле уплатени околу 100 илјади евра но сега сметката била празна, информираат од МВР. Истражителите допрва треба да проверуваат како одел протокот на парите, како се трошеле и на чии сметки завршувале и дали некој друг стои во сенка на оваа афера. Потрагата по недвижен имот на име на осомничените ја донела полицијата и до приколка во Љубаниште, велат од МВР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.