| четврток, 6 декември 2018 |

Хофман: Исламската држава победува

На десетгодишнината од нападот на Њујорк и Вашингтон изгледаше дека тероризмот е на колена, а денес, четири години подоцна, време е да се признае дека терористите, или барем еден посебен огранок, победуваат, објави „Политико“.

svet145-isis-1

Во текстот под наслов „Исламската држава победува“, Брус Хофман, директор за Центарот за безбедносни студии при Универзитетот Џорџтаун и стручен советник на Центарот за борба против тероризмот на американската Воена академија, наведува дека е „време да признаеме дека нашиот одговор на т.н. Исламска држава беше ужасно промашување“.

Хофман,  кој беше и член на Комисијата која работеше на извештајот за нападите на кулите-близначки во Њујорк на 11 септевмри 2001 година, потсетува дека минале 15 месеци откако борците на Исламска држава зазеле половина Ирак и прогласиле калифат и истакнува дека оттогаш нивното влијание само продолжува.

Исламска држава, група која некогаш била дел од истата организација одговорна за нападите на 11 септември, секојдневно добива нови џихадисти од околу 50 земји ширум светот.

Хофман укажува дека не треба Исламската држава да се отфрла како „локален феномен“, кој се задржува само на територијата на Блискиот Исток. Таа организација сега има бази во најмалку шест земји и покрива област од Западот и Северот на Африка до Арапскиот Полуостров, како и до Синајскиот Полуостров, Јужна Азија и Кафказ.

Само во последната година Исламска држава инспирираше напади во САД, Австралија, Канада, Франција и Белгија, потсети Хофман.

– Соочувајќи се со географски сѐ поширока и демографски сѐ поразлична закана, јасно е дека нашата сегашна стратегија е промашена – истакна Хофман.

Тој додаде дека тоа го покажала и анкетата спроведена пролетоска меѓу учесниците на конференцијата на американската Воена академија, меѓу кои биле највисоките функционери, високи владини претставници, научници, хуманитарци и новинари. Дури 97 отсто од нив се согласиле дека САД ја губи во војната против исламската држава.

Хофман предупреди дека закана каква што претставува Исламската држава светот сѐ уште не видел и дека големината, вооружувањето на борците на ИД, во комбинација со нивната способност да освојат и задржат територија, веројатно се единствени во аналите на тероризмот.

Според него, за војната против тероризмот итно е потребно нова стратегија која мора да почне со признанието дека Исламска држава е сериозна закана која нема да исчезне сѐ додека џихадистите не бидат воено поразени. Неопходно е да се урне логистичката инфраструктура на ИД, која држи под контрола нафтени полиња и од тоа дневно заработува по два милиона долара, наведе Хофман.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top