Кино салата од битолскиот Центар за култура до новото издание на интернационалниот фестивал „Браќа Манаки“ во септември годинава, ќе добие дигитална опрема за проекција на филмовипишува „Дневник“. Ова го најави министерската за култура Елизабета Канческа Милевска при денешната посета на Битола. До лани организаторите на фестивалот беа приморани дигитална опрема да позајмуваат од Сараево.
– Поставувањето ќе се изврши во следните месеци, па фестивалот во септември ќе започне со најсовремена дигитална опрема и не ќе треба повеќе да се позајмува од друго место. Со ова Центарот за култура и фестивалот ќе функционираат како и другите светските реномирани фестивали. Опремата чини 110 000 евра вложување на Министерството за култура, општината, Еуроимаж- изјави Канческа Милевска.
Директорт на Центарот за култура Борче Димитровски најави дека наскоро ќе биде распишан тендерот за набавка на скапата опрема.
– Во однос на кадарот кој ќе работи со опремата ќе одлучиме дали тоа ќе бидат некои од вработените или надворешни соработници бидејќи сепак се работи за поспецифична опрема. По завршувањето на фестивалот ќе имаме редовен кино репертоар со најголемите светски филмски хитови – изјави Димитровски.
Општина Битола освен што ја помага дигитализацијата на кино салата, со општински пари од ново ќе го гради киното Манаки на Широк Сокак.
– До крајот на оваа градежна сезона ќе заврши првата фаза од градбата, при што ќе се подигне фасада со оригинален изглед како старата. Предвидени се 30 милиони денари од буџетот на општината. Во втората фаза ќе се направи нова кино сала со 130 седишта. Салата ќе биде завршена за две години, по што ќе биде опремена со најсовремена техника- изјави градоначалникот Владимир Талески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.