| четврток, 6 декември 2018 |

Ставрески: Индустриските зони се успешен проект кои ги поддржуваат домашните фирми

зони

Проектот на Владата и на локалните самоуправи за изградба на најмалку една индустриска зона во секоја општина во Македонија е еден од најзначајните за поддршка на домашните фирми и стопанство, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.

При посетата на фирми во индустриските зони во Василево, Ставрески потенцира дека со овој проект се создадени услови од аспект на изградба на целосна инфраструктура, улици, канализации, приклучок за електрична енергија, водовод и се што им е потребно на домашните бизнисмени. За тие прашања, како што рече, тие не размислуваат, туку им се веќе решени и можат да се занимаваат со она што најдобро го знаат, да изградат погон, да вработат луѓе и да го водат сопствениот бизнис.

Во четирите индустриски зони во општина Василево работат 79 компании со ангажирани над 400 вработени преку целата година.

Во зоните во Василево, според Ставрески, моделот на функционирање можеби е најдобар од сите општини во државата.

– Со итна реализација на индустриската зона од страна на градоначалникот, локалната самоуправа и пратениците се овозможи да се изградат веќе 79 погони и мали фабрики поконкретно во четирите зони во Василево со вкупна површина од 88 хектари, што е речиси половина од ТИРЗ во Скопје. Значи, се работи за една голема индустриска зона во која што над 400 луѓе нашле вработување и тоа е моделот што треба секаде да се практицира, да се создадат добри услови за фирмите – рече Ставрески.

Владата, додаде, е тука да помогне во поддршката на општините за реализација на инфраструктурата, но и со овозможување поволни услови. Уште пред 5-6 години Владата овозможи градежното неизградено земјиште да се купува по почетна цена од едно евро за метар квадратен и заедно со намалувањето на комуналиите од страна на општината тоа помогна бизнисмените полесно да се одлучат да ги реализираат инвестициите.

– Тоа покажува дека и во иднина треба да се работи во иста насока и оние општини каде што индустриските зони не се целосно развиени да побрзаат и да ја завршат таа работа за да овозможиме бизнисмените, домашните фирми да реализираат инвестиции и да се отвораат работни места, изјави Ставрески.

Прашан дали може да се очекува влез на странска инвестиција во општина Василево посочи дека условите што се нудат во општината се одлични и за домашните и за странските инвеститори и истакна дека локалната самоуправа е отворена за која било фирма што ќе покаже интерес. Министрите за странски инвестиции и економските промотори, како што рече, се максимално фокусирани да се привлечат инвеститори во сите општини во Македонија.

Потсети на неодамнешната најава од страна на премиерот за реализација на крупна инвестиција во општина Струмица од американска фирма со која ќе се отворат најмалку 1.500 вработувања и нагласи оти ориентацијата и понатаму ќе остане да се овозможи секаде каде што има можност да се донесе странски инвеститор. Меѓутоа, нагласи, носењето странски инвеститор е процес којшто трае подолго, странските инвеститори помалку ја познаваат земјата и треба подолго време да се убедуваат, да се објаснат можностите што ги нуди Македонија и ние тоа го правиме.

– Значајно е во исто време максимално да сме фокусирани на домашните инвеститори и на овие мали семејни фирми како што сме во оваа денеска или другите што ги посетивме бидејќи тие се фирмите што создаваат најголем број работни места. Десет, дваесет работни места се од големо значење бидејќи многу такви фирми со по 10 или 20 вработувања ќе овозможат голем број луѓе да најдат работа како што е во општина Василево каде 400 луѓе се директно вработени, односно заедно со сезонските, во фирмите тука се ангажирани 600 работници – рече Ставрески.

При посетата на индустриските зони во Василево вицепремиерот Ставрески со градоначалникот Ванчо Стојанов и пратеници од струмичкиот регион го означија почетокот на изградбата на нова улица во зоната како дел од активностите за комплетирање на инфраструктурата. За проектот од општинскиот буџет се издвоени 2,8 милиони денари.

Според градоначалникот Стојанов, индустриската зона во Василево станала магнет за инвеститори не само од струмичкиот, туку и од останатите региони во државата.

– Моментно вршиме асфалтирање, односно инфраструктурно уредување на индустриската зона за на сите инвеститори кои вложиле во неа да им овозможиме што подобри услови – изјави Стојанов.

Во зоните во Василево, како што информира градоначалникот, на продажба се само уште две парцели. Индустриските зони во Василево претежно, 80 до 90 проценти, се со фирми од агроиндустријата.

Дел од фирмите што работат од почетокот на зоната во Василево е СГ Холдинг од каде инвестирале во два погона, за прехранбена и за хемиска индустрија, а планираат и проширување.

– Со помош на Владата и проектот „Македонија вработува“ сакаме да ги искористиме бенефициите и во план е подготвување на уште два погона, за зрнести производи и преработка и за сокови и напитоци – изјави Боро Стојков, директор на СГ Холдинг.

Преку проектот „Македонија вработува“ во Струмичко се реализирани 344 вработувања, а во Василево 25.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top