| четврток, 6 декември 2018 |

Австрија затвори автопат кон Унгарија, поради напливот на емигранти

пат

Австриските власти денеска донесоа одлука за затворање на автопатот А4, во делот кон границата со Унгарија, во очекување на бран илегални емигранти од унгарска територија.

Како што соопшти претставник на полицијата на источната австриска покраина Бургенланд, ваквата превентивна мерка е воведена од безбедносни причини, откако на автопатот биле регистрирани десетици бегалци кои од Унгарија се движеле кон Австрија.

Австриските власти соопштија дека вчера во земјата влегле 8.000 бегалци, а од полноќ до претпаднево австрскаата граница ја минале уште 3.600 емигранти. За денеска се очекува во Австрија да влезат приближно ист број бегалци како и вчера.

Во текот на последнава недела од Унгарија во Австрија влегле неколку десетици илјади бегалци. Поголемиот број од нив во земјата пристигнале со возови, по што заминале кон Германија или кон останатите западноевропски држави.

Во меѓу време, унгарските власти информираа дека во текот на вчерашниот ден на територијата на Унгарија пристигнале 3.601 бегалец, што претставува рекорден прилив во еден ден. Претходниот рекорд беше постигнат во средата, кога во Унгарија влегле 3.321 бегалец.

Речиси сите овие емигранти, во Унгарија влегле од Србија.

Унгарскиот министер за одбрана Иштван Шимичко, вчера најави дека армијата испратила дополнителен број војници во пограничниот регион кон Србија, со цел да помогнат за побрза изградба на заштитната ограда на границата.

Во изградбата на оградата на унгарската страна од границата со Србија, се вклучени околу 3.800 војници.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top