Од оваа академска година во Охрид, во објектот во кој е сместен универзитетот „Св. Апостол Павле“, почнува со работа Институтот за филм – Филмска академија, како резултат на повеќегодишната соработка на владата и ФАМУ, престижната филмска и телевизиска школа на Академијата за сценски уметности во Прага.
– Ова е единствената соработка на ФАМУ од ваков вид со друга земја и затоа сакам да им се заблагодарам на членовите на интернационалниот тим составен од претставници од ФАМУ и Министерството за образование, кои напорно работеа со цел еден ваков институт да стане реалност. Филмската академија во Охрид е јавна научна установа формирана од Владата која како придружна членка на универзитетот „ Гоце Делчев“ од Штип нуди постдипломски програми на Катедрата за сценаристика и драматургија и Катедрата за креативна продукција, информира заменик-министерот за образование и наука, Спиро Ристески.
Тригодишните студиски програми ќе се изведуваат на англиски јазик и истите се приспособени специјално за оваа институција согласно со стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ во Прага, која зад себе брои влијателни режисери и сценаристи, меѓу кои и македонскиот професор, режисер, продуцент и сценарист, Иво Трајков.
– Со отворањето на Филмската академија, Охрид ќе зазема значајно место на светската филмска мапа затоа што тука ќе се образуваат кадри не само од Македонија, туку и од земјите од регионот, а вештините од прашката школа ќе им ги пренесуваат познатите имиња од престижната ФАМУ. Ќе се зголеми промоцијата на Охрид во светот како развиен туристички, стопански и образовен центар, кој на темелите на културното и на историско минато успешно ја гради својата иднина – изјави градоначалникот Никола Бакрачески по повод отворањето на Филмската академија.

Професорот Томаш Петрањ нагласи дека идејата за формирање на акдемијата потекнала од познатиот македонски режисер Иво Трајков, со кого заедно студирале на ФАМУ.
– Идејата за формирање на оваа филмска академија дојде од мојот пријател Иво Трајков од ФАМУ со кого пред 29 години заедно студиравме, и сега, по седум години напорна работа со помош на Владата и со Министерството за образование, стана реалност. Наскоро планираме да отвориме и докторски студии кои ќе бидат водени од ФАМУ и ќе се посветиме на истражувачката работа. Годинава на акдемијата ќе има две катедри, а од следната година ќе бидат отворени и катедри за режија, камера и катедра за монтажа и звук – објаснува Петрањ.
Наставниот кадар на охридската Филмска академија освен редовните, ќе го сочинуваат и професори-гости од ФАМУ.
Од денес до 4 октомври со пополнување на електронска пријава преку интернет-страницата www.filmacademyohrid.com започнуваат уписите на вториот циклус на студии на Филмската академија. По завршувањето на рокот за електронско пријавување врз основа на обработка на пристигнатите пријави и интервјуа со кандидатите кои ќе се реализираат на 13 и 14 октомври, електронски или во просториите на академијата, стручен тим ќе изврши селекција на идните студенти.
Министерството за образование ќе додели и дваесет целосни стипендии за студентите кои ќе се запишат на постдипломските студии по сценаристика и драматургија или по креативна продукција. За стипендија можат да се пријават кандидати од Македонија и од странство.
За да се квалификуваат за стипендирање, кандидатите најпрво треба да го поминат процесот на селекција за упис на институтот. Потоа, кандидатите чија пријава ќе биде прифатена од Институтот, целокупната потребна документација наведена во конкурсот за стипендирање како и формуларот за пријавување, кои се објавени на порталот за доделување стипендии www.stipendii.mon.gov.mk, ги поднесуваат во просториите на Министерството најдоцна до 30.10.2015.
Академската година за избраните и на стипендираните постдиплоцмци ќе започне во текот на месецот ноември.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Специјална проекција на филмот „На мапата“ посветен на Тал Броди, кошаркар на „Макаби“
-
„Младешка осаменост“ – хибридниот документарец на Клер Симон во кината низ Македонија
-
Детскиот филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ во кината низ Македонија
-
„Македокс“: Зимска реприза на филмот „Над возможното“ во кино Култура


