| четврток, 6 декември 2018 |

Дванаесет повредени во 15 сообраќајки за два дена во Скопје

Пет лица се потешко повредени, а седум лица се здобиле со полесни повреди во 15 сообраќајки евидентирани во изминатите два дена на подрачјето на Скопје.

soobrakajka-aaa

Сообраќајната полиција вчера извршила увид  во осум сообраќајни незгоди. Од нив, една е со последица материјална штета и четири се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле возач на патничко моторно возило, двајца возачи на мопед и еден велосипедист. Случени се и три незгоди со последица тешка телесна повреда, во кои со тешки телесни повреди се здобиле возач на патничко моторно возило, возач на мотоцикл, возач и сопатник на мопед, а со телесни повреди се здобил еден пешак.

Завчера, пак, е извршен увид на седум сообраќајни незгоди. Од нив, пет се со последица материјална штета и две се со последица телесна повреда во кои со полесни повреди се здобиле тројца возачи на патничко моторно возило.

Во изминатите два дена сообраќајната полиција санкционирала 25 возачи кои возеле под дејство на алкохол и се исклучени од сообраќај. Санкционирани се и по 11 возачи за непочитување на ограничувањето на брзината на движење и на светлосно сообраќајните знаци на крстосниците, а 28 пешаци поминале надвор од обележан пешачки премин или, пак, поминале на црвено светло на семафор. Преземени се и 17 мерки по прекршоци кои најчесто ги прават возачите на велосипед, мотор, мопеди и на мотоцикли.

Со помош на специјалното возило „пајак“, во текот на овие два дена, сообраќајната полиција отстранила 47 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

За денеска не се најавени вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постојната сообраќајна регулатива.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top