| четврток, 6 декември 2018 |

Фрчкоски повикува на создавање две Македонии

Професорот Љубомир Фрчкоски во неговата последна колумна повикува на создавање две Македонии и поделба на граѓанството на две ментални територии. Во едната, според Фрчкоски, ќе живееле „деспотијата и тие што се идентификувале со неа“, а другата ќе била демократска.

– Опозицијата треба да прекрши и да се ориентира кон создавање на ДВЕ МАКЕДОНИИ! Како кога социјалдемократите во дваесеттите години од минатиот век имаа две Германии, онаа нивната и онаа на фашистите. Тоа се две политички култури кои имаа свои граѓанства и свои ментални територии: една со деспотијава и тие кои се идентификуваат со неа и една либерална и демократска. Нека се тие посилни, побројни, нека се тие побогати. Ние мораме да дефинираме што сме, не само наспроти деспотијава македонска, туку и самите во себе – пишува Фрчкоски.

Покрај поделбата на граѓанството на ментални територии, тој повикува и на поделба на економијата и на пазарот.

–       Нема да пазаруваме во нивни дуќани и нема да одиме во нивни кафеани. Ние ќе имаме наши, слободни, авангардни. Ако ги казнуваат инспекции – ние ќе собираме прилози да им помагаме. Ние мора да создадеме сеопшт бојкот на деспотијата колку што е можно појасен, со демаркација на различни животи, што ни се пригодни. Ако нѐ тераат од државата која е и наша – добро, ќе создадеме паралелни светови. Ние и така живееме во паралелни светови со оние на без’рбетниците. Ние не сакаме да живееме со живот на робови и уплавосани од својата сенка, како нив. Спремни сме за тоа да платиме цена со секојдневна акција. Спремни сме да водиме таков живот, паралелен со нивниот на иста територија, вели Фрчкоски.

Фрчкоски оценува дека имало релативно голем број поддржувачи на власта кои биле „мизерни“ и „безрбетници“, па затоа сите кои размислувале како него требало да си живеат во едно паралелно цивилно општество.

–       Тоа може да биде плацентата која ќе ни овозможи да ги живееме нашите животи на дистанца од ужасните безрбетници на груевизмот – деспотизмот во Македонија колку и да трае тоа. Ова не е проект произлезен од пораз на кои било  избори. Ова е резултат на оценка дека во Македонија делот на безрбетници и луѓе на кои диктатурата им е прифатлива е релативно голем и одлука дека ние не мислиме нашите животи да им ги подариме на тормозење – вели Фрчкоски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top