| четврток, 6 декември 2018 |

Тарчуловска: Со душа го чекаме да се врати!

Интервју со Соња Тарчуловска, сопруга на македонскиот херој Јохан, објавено во 25-от број на неделникот „Република“ (22 февруари 2013)

Sonja-Tarculovska-1

Мелани има желба Јохан да ја однесе на училиште и сите деца да дознаат дека има тато… А, ми има речено, мамо, татко ми е многу убав (се смее). Кога ќе се врати сакам сите да ме гледаат со тато како ме држи за рака.

Вторник, 19 февруари. Во Скопје е дождливо. Се упативме на роденден кај осумгодишната Мелани Тарчуловска, ќерката на македонскиот херој Јохан Тарчуловски. Соња нѐ покани прво на малата домашна забава, за потоа заедно да се упатиме во локалот каде што малечката Мелани ќе ги чека другарчињата. Вратата од нивниот дом во скопската населба Аеродром ни ја отвори славеничката. Насмеана и возбудена нѐ покани да влеземе. Внатре беа баба и дедо, родителите на Соња, без кои, како што вели таа, тешко ќе се снајдеше сама со две деца. Второто дете на Соња и на Јохан, Младен, не ја криеше детската љубопитност. Како да сакаше да ни покаже сѐ што знае и умее. Мечување, возење автомобилчиња, играње со мачките… тоа е најдобрата игра на темпераментниот Младен. Ниту нашиот фотограф не одолеа на забавната детска игра, поради што одржа еден мечувачки натпревар со Младен. Мелани се подготвуваше за забавата. Ова е нејзиниот ден, кога сите слават за неа. Семејството на Соња е пресреќно. Знае дека е ова последен роденден што малечката Мелани ќе го прослави без тато. Тој беше однесен во Хаг по само нешто повеќе од еден месец од раѓањето на Мелани. Се очекува да се врати по нејзиниот роденден. Сега кога тато ќе си дојде сѐ ќе биде поинаку…

Немавме многу време за игра со веселите детски очиња. Секој момент го користевме за мал разговор со нив и со мама Соња. Мелани имаше желба да ни покаже што знае. Обожава да чита книги, а талентот за музика, дефинитивно, го има наследено од мама. Срамежливо ѕиркаше од вратата додека ние го гледавме видеоспотот на кој се менуваа фотографии од семејството Тарчуловски додека во заднина одеше прекрасниот глас на Мелани, која ја пееше познатата нумера од филмот „Титаник“, „My heart will go on“.

Sonja-Tarculovska-4

Дојде време за роденденската торта. Ангелчето на роденденската торта е тука да ја исполни желбата на Мелани. Со затворени очи и насмевка на лицето ја замисли желбата.

– Нема да ви ја кажам желбата. Желбите не се кажуваат за да се остварат – ни рече Мелани кога ги отвори сините очиња.

Младен уште сега е решен дека на 7 јули, кога е неговиот роденден, сака торта со Бетмен. Тој е голем љубител на спортот. Го обожава Кире Лазаров, а кога е во прашање фудбалот негов идол е Меси. Има и омилен македонски фудбалер, Николче Новевски, кој игра во Мајнц.

– Имам исти дрес како Новевски. Тоа ми е подарок од него. Да видите. Ист како неговиот – вели петгодишниот Младен, кој сака да биде фудбалер.

Оттука заминавме на роденденската забава, каде што Мелани ја чекаа сите другарчиња. Сите пристигнуваа со иста желба – тато Јохан да се врати дома. Во друштво со другарките таа беше расположена да проговори за своите желби.
– Сакам да завршам факултет. Сакам да бидам докторка. Сакам да сум среќна и насмеана. А, најсреќна ќе бидам кога тато ќе се врати. Сакам да се врати веднаш. Сакам сега да е тука – ни рече Мелани.

Соња со растреперен глас ја праша:
– Сакаш сега да одиме и да си го земеме?

Мелани одговори:
– Сакам. И нема да се вратиме без него.

Што ќе направи прво малечката Мелани кога тато ќе се врати дома?
– Прво ќе го однесам во Америка. Сакам да шетаме низ светот. Потоа ќе одиме во Париз. Ќе одиме и во „Дизниленд“ – ни рече слатката Мелани.

Ја оставивме Мелани со другарчињата. Со Соња поразговаравме за враќањето на Јохан. Таа сѐ уште ја немаше официјалната потврда за враќањето на Јохан, се чека на Хашкиот трибунал. На 13 март оваа година навршуваат осум години откако Јохан е притворен од Хашкиот трибунал со што тој се здобива со право да биде ослободен и останатите четири години да го отслужи дома.

Тарчуловски беше префрлен во Хаг на 16 март. Оттогаш се поминати цели осум години и почнува деветтата, истекуваат две третини од изречената казна од 12 години затвор. Беше уапсен и осуден за евентуално убивање цивили во конфликтот во 2001 година во скопското село Љуботен, заедно со Љубе Бошковски, кој во тоа време беше министер. Тарчуловски ја вршеше функцијата инспектор за придружба во службата за обезбедување на претседателот Борис Трајковски.

Sonja-Tarculovska-3

Јохан се враќа дома. „Република“ напиша уште пред Нова година. Еве тоа, конечно, се наговестува. Дали ви се верува дека, вашиот сопруг ќе дојде во сопствената земја, ќе биде со вас, ќе биде со своите две деца?
Тарчуловска: Јас сум убедена дека исто како ние, јас, Мелани и Младен, и „Република“ и целиот македонски народ го очекува Јохан да се врати. Сѐ се случува. Ќе слушнеме, ќе кажеме, ќе напишеме… Но, јас ќе поверувам и ќе бидам убедена токму тогаш кога ќе го видам во нашиот дом. Домот што никогаш не е исполнет. Го нема Јохан. Како што ми е мене така им е и на децата… Без него не бевме ниту исполнети, ниту сосема среќни и спокојни. Со душа го чекаме да се врати!

Кога и како дознавте за одличната вест на која се радуваат сите Македонци?
Тарчуловска: Ќе разговараме отворено. Сѐ уште нема конкретна вест. Можам да кажам дека процедурата и рокот се зачувани за доставување на документите во Хаг за ослободување на Јохан. Конечната вест ќе ја имаме кога Јохан ќе се јави и ќе каже дека од Германија му соопштиле да ги спакува куферите и да се врати дома, во Македонија.

Како реагира Јохан на фактот дека, конечно, се враќа дома?
Тарчуловска: Јохан секогаш е умерен во постапките, во однесувањето… Кога Јохан официјално ќе знае дека се враќа дома јас ќе ви кажам на сите, на целата јавност. Од понеделник, па сѐ до сознавањето на веста, ќе бидам во Германија. Останувам таму сѐ додека не си го земам и донесам Јохан во Македонија.

Ќе заминете со двете деца заедно во Германија, или ќе го чекаат тато дома?
Тарчуловска: Мелани и Младен со нетрпение го чекаат тој ден. Сепак, ќе останат дома и тука ќе го пречекаат тато.

Мелани е веќе голема. Беше бебе кога Јохан беше приведен. Денес кога го правиме разговорот таа полни осум години, сигурно последниот роденден поминат без тато. Дали таа веќе знае дека Јохан се враќа дома?
Тарчуловска: Meлани (се смее). Мелани е многу храбро и паметно девојче. Беше бебе, па помало детенце, а сега е веќе девојче што разбира и знае сѐ што се случува. И на овој роденден ќе ја замисли и посака истата желба. Ми го кажа тоа пред спиење. Желбата е јасна: ТАТО ДА СЕ ВРАТИ ДОМА! Но, желбата и е тоа да биде за нејзиниот роденден… Сепак, успеав да ѝ објаснам и таа ме разбра дека треба да почекаме уште малку. Знае дека треба да се врати, но ние се плашиме од претпоставки, бараме конкретна информација.

Sonja-Tarculovska-2

Младен само што наврши 40 дена го однесов во Хаг. Кога влеговме, Мелани истрча во прегратките кај Јохан. А, Јохан скришум го ѕиркаше Младен затоа што дада беше љубоморна. За кратко време бебето што беше на маса во бебешки плик (такви беа условите ) конечно се најде во прегратките на Јохан… Е, тогаш Јохан пушти солзи

Има желби што да му каже прво, што сака прво да направи со тато, што сака да му покаже, каде да го однесе?
Тарчуловска: Има желба да ја однесе на училиште и сите деца да дознаат дека има тато… А, ми има речено, мамо татко ми е многу убав (се смее). Кога ќе се врати сакам сите да ме гледаат со тато, како ме држи за рака.

А, Младен? Тој е помал. Но, е свесен за тоа дека неговиот татко е јунак за многу Македонци?
Тарчуловска: Младен е интелигентно момче, Македонче (се смее). Да, тој е помал, но не е за потценување, и Младен знае дека татко му се враќа од затвор, а не од работа од странство, и свесен е дека покрај себе има прекрасен и достоин­ствен татко.

Како реагираше Младен на досегашните средби во Шевенинген, а подоцна и во Германија?
Тарчуловска: За во Шевенинген многу малку се сеќава, а за во Германи­ја секогаш кога ќе се видат, кога ќе се гушнат, душата ми се топи и кине. Во суштина, не го ни виде Младен кога се роди, но затоа господ го создаде да биде ист како него во секој поглед.

Ќе заминете некаде за, конечно, да бидете сами заедно?
Тарчуловска: Да, ќе заминеме (се смее). Конечно, сами. А, откако ќе се вратиме ќе ви кажеме каде било тоа (се смее).

Сигурно се сеќавате на првата средба на Мелани и на Јохан и на Младен и на Јохан?
Тарчуловска: Се сеќавам и тоа како. На сѐ, баш на сѐ! Но, ако почнам да објаснувам, искрено, ќе ми треба цело издание на „Република“ да го отстапите само за мене.

Имаме простор, исто така, и желба за разговор.
Тарчуловска: Првиот пат со Мелани кога отидовме во април во Хаг паѓаше многу снег. Чекавме пред амбасада да влеземе, не знаевме каде да одиме и се сеќавам, госпоѓа Светлана нѐ прибра кај неа дома. Тоа никогаш нема да го заборавам. А, пред Јохан да ја види поминавме низ многу врати. И, конечно, во една мала просторија се привиде голем човек – нашиот Јохан, како со раширени раце, стабилен и цврст нѐ чекаше… Рече: и ова ќе го пребродиме со заеднички сили. А, од плачот на Мелани ечеше затворот.

Младен го однесов само што наврши 40 дена. Кога влеговме, Мелани истрча во прегратките кај Јохан. А, Јохан скришум го ѕиркаше Младен затоа што дада беше љубоморна. За кратко време бебето што беше на маса во бебешки плик (такви беа условите), конечно, се најде во прегратките на Јохан… За првпат кај тато Јохан. Е тогаш Јохан пушти солзи. Тоа се моменти кои се дел од нашите спомени, спомени во тешки времиња, кога ние како фамилија се спојувавме и запознававме далеку од дома.

Во кои моменти им беше најтешко на децата што го нема тато?
Тарчуловска: Тоа не беше само за родендените и за празниците… Не беа ни тие периодични моменти кога за тато Јохан имаше информации по медиумите. Секој миг, секој ден, секој месец и многу години на Мелани и на Младен и на мене ни е тешко што Јохан не е дома

А вие? Вие цврсто стоевте на земја до самиот крај. Но, што се крие длабоко во вас знаете најдобро вие самите.
Тарчуловска: Јас?! Ви благодарам мила моја. Но, толку години поминаа, а некој праша за мене како сум јас. Имаше искушенија, трауми, имаше неправдини, заборав, навреди, имаше одрекувања, имаше и солзи, неспани години, неспани ноќи, затворање сама со себе… Но, силата, цврстината и стабилноста ми ги дари и поткрепи нашиот Господ. Трпението за да го изодам овој пат за Јохан, Мелани и за Младен. Длабоко во мене се кријат многу горчини, но јас ги фрлив во длабокото море.

Најдовте сила да одгледате две деца сами и притоа да се борите за правда за вашиот сопруг, да ја негувате љубовта, да го користите секој момент кога можете да бидете со него?
Тарчуловска: Молитвите и вербата во Господ ми даваа сила. Ми дават сила очите, погледите, рачињата на Мелани и на Младен… Сила ми даде и љубовта, почитувањето и разбирањето од страна на Јохан. Правдата за Јохан не ја добивме, но јас не отстапив од вистината и од фактот. Јохан не е виновен! А, за моментите што ги споменавте…Секој месец по осум дена сите овие години патував и бев покрај мојот Јохан.

Вашиот последен роденден го поминавте во затворот во Диц. Како се чувствувавте за време на празници и на родендени кога бевте или далеку еден од друг или заедно, но, сепак, не со целото семејство?
Тарчуловска: Откако Јохан го затворија јас секој мој роденден го прославував по авионите и во затвор, со мојот сопруг. Исто и неговите родендени. Заеднички ги надминувавме и поминувавме тие среќни моменти во услови какви што имавме. Тоа беа условите..
Не можеше да се има поинаков избор. Но, сепак, доволно ни беше што ни се даде можност да бидеме заедно. А, за празниците што сме ги поминале одделно немам зборови со кои можам да ја искажам емотивноста или тагата на Јохан, на децата или мојата.

Кој ви ја даде најголемата поддршка во годините наназад додека сами се пробивавте низ животот и се справувавте со проблемите кои излегуваа пред вас?
Тарчуловска: Најголемата поддршка ми е мојот Јохан . Исто како што сум му и јас нему. Тој мене ме бодри и ми дава поттик. Еден на друг сме си најголема поддршка. Но, секако, тука се и моите родители… Мојата мајка, татко, моите најблиски се тие што во ниту еден момент, кога ми беше најтешко, не нѐ оставија сами.

Сметате ли дека, можеби, можеше да се направи нешто повеќе за Јохан и за неговото семејство?
Тарчуловска: Јас секогаш се водам според Божјата волја, што е, тоа е, секогаш може и повеќе и помалку.

А, во однос на поддршката од власта, секоја во свое време?
Тарчуловска: Владата, предводена од премиерот Никола Груевски, направи сѐ.
Оваа влада помогна со сите сили за сѐ што требаше за Јохан. Но, за жал, не зависеше сѐ од нив.

Пред две години ја отпеавте „Предавници и јунаци“, посветена на сите македонски херои, сега отпеавте емотивна балада „Мајко моја“ посветена на вашата мајка. Дали таа е вашиот најголем херој во животот, вашата најголема поткрепа додека Јохан неправедно лежеше во Хаг?
Тарчуловска: Македонските херои ќе ги паметиме и споменуваме секогаш ВЕЧНА ИМ СЛАВА. Мојата мајка не е херој. Таа е ангел! Таа е посебна. Да, таа е најголемата моја поткрепа.

Го чекаме Јохан заедно со вас и со вашето семејство!
Тарчуловска: За крај ќе ви откријам дека на денот кога ќе се врати Јохан ќе имам уште едно изненадување. И како би можела да не се заблагодарам кога сте прекрасни вие и вашиот медиум „Република“. Ви благодарам за прекрасното интервју. Поздрав и до македонскиот народ.

Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Александар Ивановски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top