| четврток, 6 декември 2018 |

Тарчуловски бара од судијката Димишкова да присуствува на обраќањето на Столтенберг

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Јохан Тарчуловски, упати барање до судијката Весна Димишкова, која му одреди куќен притвор, да присуствува на собраниската седница в четврток кога генералниот секретар на НАТО ќе се обрати пред пратениците.

Според дописот, Тарчуловски наведува дека неговото присуство на седницата е во насока на неговите заложби и ветувања пред граѓаните за целосна интеграција на Македонија во евро-атлантските структури. „Почитувана судија Димишкова, преку медиумите беше објавено, а воедно и најавено преку веб-страницата на Собранието, дека на 18 јануари во 12 часот во парламентот ќе се обрати генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг. Имајќи го предвид ова, како и фактот дека со решение на Основниот суд Скопје 1, одделение за организиран криминал и корупција, определена ми е мерка куќен притвор, Ве молам во периодот од 11 до 15 часот да ми биде дозволено од страна на судот да присуствувам на обраќањето на Столтенберг. Ќе ми биде особена чест и задоволство да го слушам неговото обраќање во Собранието бидејќи сум голем поддржувач на нашата интеграција во НАТО и ЕУ“, се вели во барањето.

Тарчуловски додава дека е свесен за фактот оти во согласност со уставните и законските надлежности му е одземен пратеничкиот имунитет од страна на Собранието, односно одобрено е барањето на судот за определување на мерката куќен притвор.

„Но, треба да се има предвид дека во согласност со Уставот и Деловникот на Собранието, во оваа фаза од постапката сè уште ја извршувам функцијата пратеник во Собранието. Во таа смисла сметам дека моето присуство на седницата, на која ќе се обрати Столтенберг, е во насока на реафирмација на моите заложби и ветувања што ги дадов пред граѓаните и пред моите гласачи за целосна и безусловна интеграција на земјата во евро-атлантските структури. Од оваа моја заложба не отстапувам и понатаму, независно од сите политички и општествени случувања во државата и независно од судската постапка што се води против мене, па оттука сметам дека за судот нема да претставува пречка одобрувањето на ова барање како мое уставно и демократско право во согласност со функцијата што сè уште формално-правно ја извршувам. Верувам дека судот ќе ги цени овие мои заложби, а особено ќе го цени моето целосно почитување на определената мерка куќен притвор, односно фактот дека од кога таа е определена, го немам напуштено мојот дом, каде што оваа мерка се спроведува. Во таа смисла не постои никаква опасност да ја прекршам судската забрана за напуштање на мојот дом, освен во оваа исклучителна околност на неколку часа, се разбира, со одобрение на судот. Дополнителна гаранција за ова се целосниот кредибилитет и довербата што ја уживам кај граѓаните, но и фактот што сум избран претставник на сите граѓани во Собранието, функција на која сум обврзан да ја вршам со целосно почитување на Уставот и законите“, се наведува во барањето на Тарчуловски до судот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top