| четврток, 6 декември 2018 |

НОВА втора на натпревар по општо знаење

Ученици од меѓународното училиште НОВА освоија второ место на меѓународен натпревар по општо знаење, таканаречен Knowledge Bowl, кој се одржа минатата недела во Санкт Петербург, Русија. На овој натпревар, кој се одржува секоја година, учествуваа ученици од меѓународни основни училишта од повеќе земји од централна и источна Европа како Русија, Украина, Полска, Естонија, Романија и Литванија, членки на Асоцијацијата на централно и источноевропски училишта (CEESA).

– Учесниците на овој натпревар се натпреваруваат индивидуално и во тимови одговарајќи на прашања од најразлични области, како географија, наука, математика, литература, уметност и историја. Натпреварот се одвива во два натпреварувачки круга, при што во првиот круг учесниците одговараат писмено на прашањата, додека во вториот дел одговараат на усни прашања во форма на квиз – велат од НОВА.

Победник на овој натпревар беше тим од меѓународното училиште од Москва, додека тимот од НОВА освои второ место од вкупно 16 тима кои учествуваа на овој натпревар. Покрај второто место, тимот на НОВА, исто така, освои посебна награда за најспортски дух поради фер играта и пријателскиот став што го покажаа на овој натпревар.

Оваа награда е уште една потврда за успехот на меѓународното училиште НОВА кое образува квалитетни кадри кои можат да се носат со најдобрите во Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top