| четврток, 6 декември 2018 |

Во Германија пристигнаа 15.000 мигранти, Ле Пен смета дека Берлин ќе ги прави „робови“

migranti

Шефот на француската крајна десница, Марин Ле Пен, ја обвини Германија дека прима илјадници мигранти и бегалци бидејќи сака да ги намали платите и да вработи „робови“.

– Германија веројатно мисли дека населението ѝ изумира, а сака и да ги намали платите и да продолжи да вработува робови, благодарејќи на масовното вселување – изјави Ле Пен на состанокот со нејзините приврзаници во Марсеј – пренесува „Хина“.

Таа, исто така, ја обвини Германија дека сака да наметне имиграциска политика во ЕУ. – Германија не само што сака да управува со нашата економија, туку сака и да нѐ принуди да прифатиме стотина илјади баратели на азил, рече таа, дополнувајќи дека „Франција нема можност ниту сака да ја отвори вратата за светската беда“.

Во меѓувреме, само за време на викендот, во Минхен и во Франкфурт пристигнаа најмалку 15.000 бегалци од Сирија, јави германската новинска агенција ДПА.

По слегувањето од возовите во Минхен и во Франкфурт, емигрантите беа одведени во бегалските центри ширум Германија. Железничките оператори во Австрија и во Германија ги зголемија капацитетите на возовите со цел да ја пренесат реката емигранти од австрискиот град Никелсдорф, на границата со Унгарија.

Се очекува во текот на ноќта да пристигнат уште 2.200 лица.

Германската влада, по преговорите до доцна во ноќта со партнерите од владејачката коалиција, соопшти дека ќе обезбеди шест милијарди евра за прифаќање на бегалците.

Во Будимпешта 1.000 новопристигнати емигранти чекаат дозвола за да отпатуваат кон Австрија, а уште неколку стотици тргнале пеш кон границата. Голем дел од емигрантите влегуваат во Унгарија преку Србија, јави ДПА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top