Кога сите се свртени кон селекцијата А, која со серија добри резултати и игри ја поврати довербата на фудбалската нација, „Република“ се заинтересира за перспективата и за репрезентацијата до 21 година. Таа во минатиот циклус квалификации имаше незапаметен блесок со третото место во групата и со шанса, до самиот крај, до последното коло, да обезбеди учество на завршница од ЕП, кое за нас ќе беше прво на толку голем настан. Сѐ во неа и околу неа е поврзано со името на поранешниот македонски и југословенски репрезентативец, и сите велат, екстра-талентираниот тренер, Бобан Бабунски.
Честитки за реизборот за селектор на младата репрезентација. Имаше и претходници со подолг мандат, со втор мандат, но твојот впечаток е дека ова е прв мандат базиран на резултат?
Бабунски: Благодарам за честитките. Добриот резултат на младата македонска фудбалска селекција зависи од повеќе фактори: добри подготовки пред натпревар, присуство на сите најквалитетни селектирани репрезентативци, поддршка од ФФМ, од медиумите, од публиката. За нас во стручниот штаб, многу поголема сатисфакција е создадениот модел на игра, кој дава стабилност и доверба дека младата селекција може да игра офанзивно и на победа во секој натпревар.
Напредокот и тоа третото место во претходните квалификации за ЕП се огромна обврска. Сега сите гледаат напред, кон второто место. Презеде ли Бабунски таква обврска?
Бабунски: Обврската се наметнува сама по себе, иако е заедничка за сите што учествуваме во создавањето на резултатите. Што се однесува до одговорноста за резултатите, се знае, таа останува само на селекторот.
Португалија, Израел, Норвешка и Азербејџан во новиот циклус се и добар, надежен состав, но и опасен до тој степен што можеме да се вратиме еден или два чекора наназад?
Бабунски: Тешко е во моментов да зборуваме за противниците и за нивната сила бидејќи и тие, како впрочем и ние, сме во фаза на составување. За нивниот квалитет е неблагодарно да се дебатира, но од првичните сознанија, јасно е дека сите селекции во групата на оваа возраст имаат играчите способни за добри настапи и резултати.
За синовите во репрезентациите – внимателно
Бобан Бабунски е суперкоректен соговорник, што произлегува од тоа каков карактер е. Освен прашањето за потенцијалот, инсистиравме да го испровоцираме позитивно селекторот со интерес за партиципација на Давид и на Доријан во репрезентацијата на татко им, но и во сениорската.
Еве ги прашањата:
– Го гледаш ли Давид како носител на играта на нашиот репрезентативен тим до 21 година во следните квалификации?
– Многумина веќе го бараат Давид и во тимот А. Зрел ли е членот на Барселона за сениорски предизвик?
– Ќе добие ли шанса помладиот Доријан во селекцијата што ја водите вие?Одговорот беше заеднички за сите три прашања:
– Тешко е да се одговорат овие прашања. Сѐ што ќе кажам ќе биде субјективно, а може да биде и поинаку толкувано. Во секој случај, јас ќе донесувам одлуки, а, нормално, и ќе преземам професионална одговорност за секој потег, за секоја акција во врска со нив доколку бидат повикани во младата репрезентација – внимателен е со синовите Бабунски Сениор.
Би потпишал ли Бобан Бабунски во моментов за 12 бодови, колку што имавме во претходните квалификации, кога за настап на ЕП во Израел или за бараж ни недостигаше малку и бевме во игра до последното коло?
Бабунски: Со оглед на тоа дека тие резултати беа најдобрите досега во нашата историја во оваа старосна категорија, да, би потпишал, но под еден услов, ако тие 12 бода ни гарантираат остварување на целта, а тоа е бараж.
На крајот, сепак, сѐ зависи од нас. Имаме ли екипа за високи дострели? Таа, природно, се менува, доживува коренити поместувања?
Бабунски: Да, убеден сум дека имаме. Само, за добро издание треба да се исполнат неколку услови. Мора да обезбедиме оптимално присуство на сите кандидати и плус да се води сметка на други важни фактори како: доволно подготвителни натпревари, општа поддршка од сите фудбалски структури, постојаност на сите селектирани играчи во репрезентацијата.
Првично, и според изданието од февруарските 0-0 кај Албанија, ќе бидеме посилни или послаби од претходниот циклус?
Бабунски: Не е само Албанија. Оваа селекција веќе одигра три натпревара. Победивме со Црна Гора дома, а на гости одигравме нерешено со Албанија и со Бугарија. Тоа покажува резултатска стабилност и континуитет. Повеќето играчи веќе имаат искусено поголеми репрезентативни успеси и добри резултати со селекцијата до 19 години. Тие предводени од Драган Бочевски пред неколку години имаа пласман во елитната група, што значи дека веќе носат нешто победничко во себе. Тоа е добар предуслов и дава надеж дека, и во селекцијата до 21 година, можат да продолжат во ист ритам.
Една димензија е екипата, а друга, можеби, и поважна, е дали ќе има нови кадри за селекцијата А од овие што сега ги водиш?
Бабунски: Сигурно, всушност тоа е и крајната намера. Во моментов во репрезентацијата што ја водам гледам барем пет играчи што во наредните две-три години ќе имаат шанса, а убеден сум и дека ќе ја искористат за да го презентираат својот талент во дресот на најдобрата селекција.
Јаневски во Белгија, Бабунски во Шпанија. Двајцата наши главни селектори се со живеалиште, или барем семејствата им се надвор од земјава. Проблем ли е тоа во извршувањето на обврските?
Бабунски: Не знам за Јаневски, но за мене тоа воопшто не е проблем. Напротив, дури од дистанца можам многу помирно, порелаксирано да ги анализирам одиграните натпревари, да ја подготвам стратегија за следните натпревари, да ги осмислам тренинзите и подготовките.
Добивме впечаток дека некој подолго размислуваше до постигнување на договорот со ФФМ за продолжение на соработката?
Бабунски: Не, не, немаше никакви дилеми. Од моја страна воопшто не постоеја сомневања, а колку што знам, ниту во ФФМ немаше други размислувања. Точно е дека сега објавивме, иако договорот беше постигнат многу порано, уште на средина од минатата година.
Кој е поголем талент Давид или Доријан?
Во македонската фудбалска јавност постојано се дискутира за членовите на младинскиот погон на Барселона и на Реал Мадрид и прашањето е кој е поталентиран, 19-годишниот Давид или две години помладиот Доријан. Родителите тешко дека можат да бидат реални за своите деца, но таткото е, сепак, фудбалски тренер:
– Давид отсекогаш важел за поголем талент, но никој, па ниту јас не помислував дека Доријан ќе биде интересен и ќе потпише за Реал Мадрид, што, секако, ја менува сликата – вели со Бобан Бабунски за своите синови.
Имаше ли кај тебе некои други размислувања и понуди во меѓувреме и што ќе биде ако дојдеш во ситуација да избираш. Прва или втора селекција на Македонија или добар, голем клуб?
Бабунски: Тоа е прецизирано со договорот во кој постои клаузула во секој момент тој да може да се раскине или да се дозволи заминување. Што се однесува до најдобрата селекција, нема што да кријам, искрено, се надевам дека некогаш ќе добијам шанса во репрезентацијата А, но на подолго (Бабунски досега како замена на трипати ги водеше сениорите , з.а.).
Чувствуваш ли дека растеш како тренер? До кој степен е подигната самодовербата кај тебе, дека ништо нема да ти побегне при избирањето таленти, во поставувањето на играта или во реакцијата во текот на мечот?
Бабунски: Постои огромна разлика од почетоците, од првите натпревари кога како помошник и тренер, и сега последно како селектор. Искуството, навистина, овозможува многу побрзо и поефикасно согледување на работите токму во споменатите сегменти.
Разговараше: Перо Момировски – Р.С.Р.
Фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.