
Од 7 септември во Македонија ќе почне снимањето на францускиот игран филм „А Фонд“ во режија на Никола Бенаму, што претставува најголема странска инвестиција во областа на филмската индустрија досега во земјата.
Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска на денешната прес-конференција по повод почнувањето на снимањето на филмот во Македонија истакна дека станува збор за проект со кој Македонија се претставува како нова и атрактивна филмска дестинација на мапата на светската филмска индустрија.
– Од денеска во нашата држава ќе се снимаат големи филмски остварувања што е резултат на заложбите на Владата, која во изминатиот период интензивно настојуваше да ги промовира потенцијалите на нашата држава и да ги зголеми вложувањата во РМ. Организиравме многу кампањи. Со измените на Законот за филмска дејност ја олеснивме соработката со странските продуцентски куќи и анимиравме голем број еминентни продукции од целиот свет. Резултатите се денеска пред нас – рече Канческа Милевска.
Таа нагласи дека овој филмски проект има огромни придобивки за Македонија, за афирмацијата и промоцијата на државата како филмски центар во меѓународни рамки.
Економската придобивка за Македонија од реализацијата на филмскиот проект што ќе се снима во наредните два месеца изнесува два милиона евра.
Во снимањето на филмот ќе бидат вклучени преку 100 професионалци од Франција и околу 400 филмски работници, статисти и придружни соработници од Македонија, кои, работејќи со врвната француска филмска екипа, ќе ги унапредат и своите вештини.
Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски информира дека за потребите за снимањето на филмот ќе биде воведен посебен сообраќаен режим на обиколницата во Скопје на потегот од Хиподром до Сарај и на автопатот Велес – Градско при што граѓаните ќе бидат навремено информирани за тоа во кој период од денот и кои денови овие делници ќе бидат затворени за сообраќај.
Тој информира дека во согласност потпишаниот договор, француската продукциска куќа ќе издвои 4,8 милиони денари за реконструкција на стариот пат Велес – Градско преку кој ќе биде пренасочен сообраќајот, како и 12,7 милиони денари средства, кои Македонија би ги инкасирала од патарините доколку обиколницата би била отворена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Специјална проекција на филмот „На мапата“ посветен на Тал Броди, кошаркар на „Макаби“
-
„Младешка осаменост“ – хибридниот документарец на Клер Симон во кината низ Македонија
-
Детскиот филм „Господин Мол и фабриката за чоколадо“ во кината низ Македонија
-
„Македокс“: Зимска реприза на филмот „Над возможното“ во кино Култура












