„Упс! Ама не, не, не! Не сме се разбрале, ама ич! Ние никогаш не сме тврделе дека ќе победиме, не сме ни помислиле на тоа! Какви победници бре! Ма глупости!“ – вака шегобијно би звучел одговорот во тет а тет комуникацијата на „спасителот“ од Муртино на понудата на премиерот за изборен бонус од 17 пратеници за партијата која ќе победи на изборите. А потоа молк. Калма. Се обидоа со весела математика да си играат шерет и да ја извртат приказната, но стана очигледно оти некој сериозно забошотувал на часови. Си можеле де – мама директор, тато во партија… За жал, времињата се сменија, а патетичните бурлески на творците на невозможното завршија со громогласен потсмев. Занеми и Заев, кој утредента случајно „заборави“ на бонусот. Го изуми, нели. Се насочи само кон единствената работна задача, зададена од мислителите на СДСМ, фамозната една изборна единица. Ете ја причината зошто губеле четирипати по ред! Велат, една изборна единица ќе им донесе победа, но веројатно само доколку е комбинирана со Закон кој ќе ги поништи гласовите дадени за ВМРО-ДПМНЕ. Со поништувањето, пак, да раководи нов, најспецијален обвинител, поспецијален здравје. Избран директно од лидерскиот двоец на социјалдемократите. Ова би била новата иницијатива, излезена од непресушната ризница на истите опозициски идеолози кои немаат поим од математика. За жал, „бистрите“ творци на опозициската тактика воопшто и не сфатија дека понудата беше дадена токму со цел за да ги разоткрие пласираните лаги и да ја разголи лажната еуфорија. Од друга страна, и онака Македонија во нивните умови е „четврт држава“, неспособна за ништо, став кој нивните медиумски јуришници наголемо го прокламираат во кризата со бегалците. Логичното прашање би било – зошто не побараат и државата да стане четврт изборна единица, една е многу. Или осминка. Со или без јогурт…

Два мотива за една изборна единица
Бадијала импулсите. Понудата за изборен бонус ги стаписа членовите на опозицијата. Затечени и збунети, инстинктивно ја одбија. Избрзаа и изумија дека со брзата реакција експресно го урнаа и митот за наводната победа на изборите во 2016 година, за чие еуфорично ширење толку многу се трудеа со своите медиумски миленичиња. Им светна, па шансата за рехабилитација ја побараа во мистификација на важноста од фамозната една изборна единица. Но, не за доброто на СДСМ, туку за што поголема белја на ВМРО-ДПМНЕ. Башка и на државата. Целта е бришење на дијаспората, која во нивната математика значи само три пратеници помалку за противникот. Ништо повеќе, ниту помалку. Како луѓе, Македонци кои ѝ требаат на оваа држава, дефинитивно не ги гледаат. Едноставно, бројки. Ако ги избришат, тие нема да имаат повеќе пратеници, но Груевски ќе имал помалку. Врските со татковината, поврзаноста на семејствата, причината да се интересираат уште повеќе за родната земја, па и финансиите добиени од страна, не се битни. Сè во контекст на онаа старата „Да му умре козата на комшијата“. Нејсе што ова значи и помалку Македонци во Законодавниот дом. Старата вистина за новата лага, извртувањето или во овој случај, дефокусот, е дека кога немате што да понудите, а гледате оти сигурно ќе изгубите, се фаќате како слеп за стап за една глупост и од неа создавате мит. Небаре, ако има една изборна единица, тие ќе победеле. Ете каде се криел зајакот за сите овие порази! Главниот проблем и вистината за четирите по ред изгубени парламентарни избори лежел во тој пуст, пропорционален модел во деветте изборни единици (шест во Македонија и три во светот на последните два избора). А токму со овој модел (тогаш беа шест ИЕ) ја извојуваа и последната победа во 2002 година. Тогаш, СДСМ немаше никаков проблем со истиот. Проблемот, кој се гледа од авион за секој кој има малку памет, е во трите пратенички места за дијаспората и токму тие три изборни единици. До констатацијата дека изборниот модел не чинел, пак, членовите на СДСМ дојдоа по само 13 години и четири парламентарни фијаска. Сега, експресно како и одбивањето на бонусот за победникот, увидоа дека со овој изборен систем се создавале апсолутистички режими?! Не кажаа дали таков бил и нивниот режим од 2002 до 2006, кога дојдоа на власт со истиот модел и кога територијално ја прекроија државата, тагувајќи дека некои прашања не заслужувале одговор.
Туѓината пуста да остане, сателитите не…
Целта, дефинитивно е една и единствена како и нивната идеја за изборната единица. Се вика власт, а сега соочени со јаснотијата на новиот пораз, се трудат да направат пат за во иднина. Како и да е, би им одговарала што помала победа на ВМРО-ДПМНЕ, која би отворила простор за што потешки преговори со албанскиот партнер за владината коалиција. Нејсе што тоа ќе ù донесе штета на државата. Во прашање е неодолива, партиско-генетска желба за нестабилност. Стабилна влада без нив никако не им одговара. Поимот им пречел отсекогаш, особено поради фактот што нивните доаѓања на власт секогаш биле поврзани со криза. Зад едната изборна единица се кријат два момента – дистанцирање на неподобната дијаспора и потребата од малите партии кои сега треба да одиграат за нив. Оние вечни сателити, кои секогаш се пикаат со големите партии за да дојдат на власт, а кои сега испаднаа понижени и оштетени?! Затоа, демократите од СДСМ, свесни дека немаат што да им понудат на граѓаните кои се надвор од матичната земја, слично како и на останатите кои сè уште се овде, гледаат само да направат што поголема штета. Небаре во една изборна единица се победува и со 200.000 гласови во минус?! Тешко… А за одговор на понудата на Груевски за т.н. изборен бонус од 17 пратеници им требаа цели час и половина. Премногу време за една толку сериозна партија. Сето тоа се случуваше во едно топло, неделно попладне. Понеделнички, бестрашниот лидер целосно заборави и да ја спомене понудата што експресно ја одби. Истиот ден, кога Груевски во Тетовско изрази силно чудење од брзината со која ја одбија, Заев воопшто и не ја спомена во Пехчево. Имаше задача да ја рекламира едната изборна единица. Од неа не се плашеле чесни политичари, рече Заев и инстинктивно, нервозно се стресе. Пораката дојде од лидерот амнестиран за криминал од осум милиони евра, за кого во моментот се води еден случај за мито од 200.000 евра во Струмица и на повидок е уште еден, за „само“ 39.000 мито во Штип. Згора на тоа и уценувањето со незаконски снимки во случајот Пуч. Сега спасителот го виде спасот во една изборна единица?! Мнозинскиот систем, исто така, не чинел, рекоа „демократите“ кои директно застанаа против потенцирањето на личноста наспрема партијата, еден од основните белези на овој систем. Истите оние поради кои на ланските избори граѓаните добија син палец, ама демократски. И сето тоа од пуста желба, Македонија да се обои во сино. Партиски, нели. Макар на палецот. Тоа им успеа. Натамошното боење на граѓанството им го попречувал изборниот модел. Претходно беше необележаниот палец, претходно составот на ДИК. А реално, да, секогаш е до народот…

СДСМ по стапките на ПДП
СДСМ повторува една стара игра. Албанска. Во март во 2006 година, со барање за една изборна единица излезе тогаш сè уште видливата ПДП. ВМРО-ДПМНЕ, пак, на истото барање на ПДП, тогаш и како опозиција, одговори со идентичниот предлог како и сега – враќање на мнозинскиот модел. СДСМ, тие последни месеци на власт од 2006 година, едноставно враќаше оти пропорционалниот модел со затворени листи е докажано најдобар, произлезен од искуството во минатото. Па во 2002 година победи со него. Заспани и тогаш спокојно уверени во долго владеење, социјалдемократите едноставно, уживаа во реалните погодности на сегашниот изборен модел. За нивна жал, во 2006 година немаше криза. Загубија. Логичното прашање е дали партијата, која сега го поставува истото неаргументирано барање, по аналогија ја очекува истата судбина како и претходниот барател на истото?
Додовска: СДСМ цврсто чекори по стапките на ПАСОК
Според доц. д-р Иванка Додовска од Правниот факултет во Скопје, експресното одбивање на СДСМ на понудата на ВМРО-ДПМНЕ е само потврда на фактот дека, конечно, социјалдемократите се свесни за изборниот резултат во април 2016 година, а тоа значи само битка која би можела да доведе до што поподнослив пораз за најголемата опозициска партија.
ДОДОВСКА: Имено, секоја политичка партија која оди на избори, посебно парламентарни, и е убедена во својата способност, капацитет и во идејата дека ќе победи на парламентарните избори, предлогот покрај освоените победнички парламентарни мандати да добие уште плус седумнаесет, би го прифатила без никаква задршка. Ваков предлог одбива само политичка партија која е свесна дека ќе ги изгуби изборите, а тоа во Република Македонија е СДСМ.
Во врска со барањата за една изборна единица, според Додовска, ставот на СДСМ можеме да го поставиме на неколку позиции.
ДОДОВСКА: Прво, секогаш да се оди против она што е став на ВМРО-ДПМНЕ, иако само пред малку повеќе од една година по истово прашање СДСМ имаше дијаметрално спротивен став, т.е. беа против тоа РМ да биде една изборна единица и второ, СДСМ се обидува да се додвори кон помалите политички партии дека со изборен модел од една изборна единица тие ќе успеат да дојдат до еден или до два пратенички мандати. Тоа во исто време значи дека би претставувало трик мотивација и за помалите политички партии кои се дел од коалициските блокови истите да ги напуштат и да настапат самостојно. Резултатот ќе биде потврда за уште еден парламентарен пораз за социјалдемократите како и целосно замирање во најголем број на малите политички партии.
Помалку чудно за една толку „демократска“ партија, но тие се противат на мнозинскиот модел кој ја потенцира личноста, а не партијата?!
ДОДОВСКА: Овој став на СДСМ е само уште една коцка плус во мозаикот дека е сигурен губитник на следните избори. Дали математиката на СДСМ говори дека прифаќањето на ваквиот изборен модел кој го предлага ВМРО-ДПМНЕ значи дека ќе имаме резултат во сразмерност на последните локални избори по бројот на освоени гласови споредено со бројот на освоените градоначалнички места!?
Прашана околу играта на СДСМ, копирана од ПДП во 2006 година и дали ја чека нивната судбина, Додовска е уверена дека партијата цврсто чекори по стапките на грчкиот ПАСОК – од владејачка доминантна партија на политичката сцена кај јужниот сосед само за два до три парламентарни циклуси дојдоа на петто место со едвај поминат цензус за влез во парламентот на последните парламентарни избори во Грција.
ДОДОВСКА: Можеби СДСМ и нема да замре, но со траекторијата со која се движи, доколку не направи промени во својот пристап, пред сè кон државните и кон националните интереси ќе биде политичка партија која можеби во иднина некој ќе ја покани да биде помал коалициски партнер.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 156. број на неделникот „Република“, 28.08.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



Додовска: