Драма во судницата во велешки суд на објавувањето на пресудата на обвинетите Радо и Драган Јовановски од Кавадарци за кривичното дело убиство во обид, пишува порталот „Дума.мк“. Кога ја слушна пресудата дека неговиот син Драган е виновен за кривичното дело и осуден со затворска казна од 9 години, педесет и три годишниот Радо се струполи на подот во судницата, си го голтна јазикот и се вкочани па само присебноста на новинарот Петар Печков го спаси од смрт. Во метежот што се создаде додека Радо се грчеше на земја, најголем дел од присутните се исплашија и испаничија, Печков со рака успеа да му го извади голтнатиот јазик на Радо и да го поврати во живот. Сликата беше стресна за сите присутни, судии, порота, судски полицајци и новинари. Потоа сите се обидуваа што побргу да ја донесат брзата помош пред зградата на судот во Велес и што поскоро да му биде укажана неопходната медицинска помош на осудениот кавадарчанец. Радо Јованов заврши во велешката болница и не слушна дека и тој е прогласен за виновен и му беше изречена казна затвор во времетраење од 7,5 години.
Од велешката болница велат дека Радо најверојатно добил психички шок и траума од веста за затворската казна на неговиот син и тоа било причина што се онесвестил. Тој се уште е во болницата и ја прима соодветната терапија.
Инаку Радо и неговиот син се обвинети за кривично дело убиство во обид. Според обвинението, делото го сториле на 14 јули годинава, кога со моторна пила се обиделе да го лишат од живот кавадарчанецот Симо Милиќ. Го повикале во нивниот дом и Драган му се нафрлил со пилата што била уклучена и му нанел телесна повреда на десната подлактица. Потоа таткото Радо го удрил Симо со дрвен предмет а на крај и двајцата ја фатиле моторната пила нанесувајќи му повреди по телото.
Во текот на главните расправи обвинетите ги сменија исказите тврдејќи дека немале намера да го убијат Симо туку само да го исплашат. Најверојатно на случката помеѓу обвинетите и оштетениот и претходеле нерасчистени должничко-доверителски односи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.