Државата ќе помогне за развој на живинарството во Македонија. Се планира идната година од Буџетот да одвои околу 3 милиони евра за да се изгради фабрика за производство на јајца во прав и конзервирани јајца, а доколку биде неопходно ќе гради и кланица, како и да организира кооперативи за производство на бројлерско месо и производство на пилиња и матични јата.
За таа цел во наредните четири месеци со поддршка на Организацијата за храна и земјоделство на ОН – ФАО ќе се спроведе Проектот за развој на живинарството во Република Македонија, чија цел е да се развие програма за поддршка на семејни живинарски фарми за производство на бројлери. Програмата треба да ги лоцира клучните проблеми, да препорача соодветни решенија и да предвиди како ќе се произведе и како и каде ќе се продаде бројлерското месо и по кои цени.
Како што истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков на денешната воведна работилница на Проектот, главната цел им е во наредните пет години да се намали увозот на пилешко месо во Македонија и да се зголеми домашното производството на живинско месо од 500 тони кое покрива само пет проценти од домашните потреби на пазарот на 30 отсто од потребите.
– Увозот на живинско месо не чини околу 50 милиони евра годишно и е најголемата поединечна стапка во увозот на земјоделско-прехранбените производи. Со порастот на производството на пилешко месо се предвидува постепено намалување на увозот, а оптималните очекувања се дека со поддршката што ја предвидува Проектот би се зголемило производството на 30 отсто во наредните пет години, рече Цветков.
Се предвидува семејните живинарски фарми да бидат стимулирани да го зголемат своето производство преку поддршка на инвестициски планови, за што средствата ќе се обезбедат преку Програмите за директни плаќања на МЗШВ и ИПАРД фондовите, како и со поволни кредити од македонските комерцијални банки преку гарантната шема што се развива со поддршка на УСАИД.
– Програмата истовремено ќе ги развива и кооперативните односи меѓу земјоделците, а нивното функционирање ќе се базира на здружување на повеќе стопанства поради заеднички вложувања и користење на ист кланичен капацитет, но и за полесен пласман на производите на пазарот, рече Цветков.
Тој потенцира дека производството на јајца во целост ги задоволува домашните потреби од 150 јајца по глава на жител или околу 300 милиони на годишно ниво.
– Примарна цел ни е да се задржи оваа состојба. Во насока на регулирање на вишоците на јајца на пазарот во одредени чувствителни периоди од годината, како и заради потребата од преработка на јајца од „б“ класа потребно е да се воспостави производен капацитет на национално ниво за преработка на јајца во течна или сува состојба. МЗШВ разработи модели за финасирање на изградба на таков погон за што ќе се обезбедат средства од Буџетот, рече Цветков.
Тим лидерот на Проектот, Дејвид Левен посочи дека се планира да се направат пакети за поддршка на производството на бројлери и годишно да се обезбедат 12.500 тони живинско месо од домашно производство за кое ќе биде обезбеден пласман. За спроведување на целта ќе работи тим составен од меѓународни и домашни експерти.
– Проектот предвидува изработка на студија со три компоненти. Со првата се планира да се направи анализа на ситуацијата за да се покријат 25 до 30 отсто од потребите за пилешко месо од домашниот пазар. Втората предвидува подготовка на бизнис план за технолошки постапки со физибилити студија за мали бројлерски капацитети и препораки како да се зајакнуваат, а третата пакети за поддршка од страна на Владата за мали и средни живинарски фарми. Со еден збор треба да се одреди кој, што, како и по која цена ќе може да биде поддржан, рече Левен.
Нагласи дека со денешната воведна работилница официјално почнува изработката на Студијата.
Единствениот одгледувач на бројлери во Македонија, Тони Димевски посочи дека има голем потенцијал за развој на оваа гранка во земјава.
– Во моментов одгледувам 9.000 бројлери, а главната продажба ми е организирана преку синдикатите и мал дел од месарниците. Во овој бизнис сум од 1999 година и производството се одвива добро, изјави Димевски. Според него, има простор за зголемување на производството и, како што рече, токму затоа е и денешниот настан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.