Додека Грција постепено влегува во период на полна сила од изборната кампања, политичките партии се чини дека не се вознемирени од предупредувањата на Европската унија и Меѓународниот монетарен фонд за можните одложувања и натамошните последици, пишува „То Вима“.
Директорот за Европа на ММФ Пол Томсен веќе го информирал одборот на Фондот дека претстојните избори ќе ја одложат проценката, додека шефот на Еврогрупата Јерун Дијселблум изрази загриженост во врска со спроведување на реформите за траншата од три милијарди евра, до тој степен што Грција ќе биде на врвот на агендата на состанокот на Еврогрупата на 11 и 12 септември.
„Доколку рекапитализацијата на банките не заврши до крајот на годинава, Грција наскоро може да се најде притисната до ѕид. Тоа е затоа што од 2016 година стапува на сила нова регулатива на ЕУ за спас на банките што значи дека може да има намалување на банкарските депозити. Згора на тоа, без средства за финансиска помош, Грција нема да биде во можност да му плати 1,63 милијарди евра на ММФ во декември и јануари“, пишува „То Вима“.
Покрај овие два големи проблеми, меѓународните кредитори на Грција на есен ќе се вратат во Атина на разговори за серија клучни прашања кои се уште се нерешени, како што се пензиските реформи, запленувањето имот, нефункционални („црвени“) кредити, приватизацијата и многу други.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.