| четврток, 6 декември 2018 |

„Лавиринт: Бегство низ пустошот“ во „Синеплекс“

Првиот дел од филмот „Лавиринт“ (2014), настанат според научно-фантастичната серија романи на Џејмс Дашнер, беше фокусиран на бегството, додека возбудливото продолжение „Лавиринт: Огнено тестирање“ ни ја носи приказната за патувањето. Во новото поглавје Томас (Дилан О’Брајан) и неговата дружина ги очекуваат нови изненадувања, нови предизвици и тешки одлуки. Додека ги бараат одговорите, стануваат свесни дека Лавиринтот бил само почетокот на нивната авантура!

Продолжението на филмот нуди одговори на многу поставени прашања во првиот дел. Јунаците на филмот откриваат дека поголемиот дел од планетата Земја е уништен и дека немилосрдната владина организација, позната како Светот на раб на катастрофа: Оддел за експериментална зона за убивање ги испратила во Лавиринтот да се соочат со предизвикот на преживувањето.
Филмот „Лавиринт“ на посебен начин зборуваше за затворените простори. Но во новото продолжение, Томас и дружината излегуваат во светот, во огромната пустина со песочни дини кои буквално го проголтале целиот свет.

Вес Бол, режисерот кој дебитираше со првиот дел на филмот, ни објаснува: „Во овој филм дознаваме дека постои многу поголем свет кој ги чека Томас и неговата дружина, свет кој е спржен од сонцето и кој е уништен од смртоносен вирус. Овие млади луѓе мораат да го најдат своето место во ваквиот свет и да сфатат како можат да го уредат. Тие се мета на неколку групи и се растргнати меѓу одлуките дали да го спасат светот или да си ја обезбедат личната слобода“.

Филмот „Лавиринт“ беше сниман на една локација, во сојузната американска држава Луизијана, додека неговото продолжение бараше неколку различни локации, за подобро да се долови опкружувањето, како и самото патување на главните ликови. Тие локации беа пронајдени во централниот дел на сојузната држава Њу Мексико, која изобилува со пустински песок, песочни дини, сува земја, пропаднати градови, скриени урбани тунели и недопрен планински кањон.

Зеленилото од првиот дел е заменето со земјените тонови на кафена, сина и црвена боја. Вес објаснува: „Овој  филм има многу акција и претставува нов поглед на епската приказна која започнува во ’Лавиринт’. Содржи други бои и текстури и праќа сосем поинакви вибрации“.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top