| четврток, 6 декември 2018 |

Пратеникот Николоски на состанок на Мoниторинг-комисијата во Сараево

niko

Шефот на делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа Александар Николоски, во својство на потпретседател, ќе учествува на состанокот на Мoниторинг-комисијата кој денеска и утре ќе се одржи во Сараево, Босна и Херцеговина.

На состанокот, како што соопшти собраниската прес-служба членовите на Комисијата, зад затворени врати, ќе го разгледуваат Извештајот за напредокот на мониторинг-постапката на Парламентарното собрание на Советот на Европа за периодот од октомври до август 2015 година. Ќе бидат презентирани накратко напорите за исполнување на обврските преземени при приемот во Советот на Европа на деветте земји кои се наоѓаат во мониторинг-постапка, и тоа Албанија, Азербеџан, Ерменија, Босна и Херцеговина, Грузија, Молдавија, Руската Федерација, Србија и Украина, како и четирите земји кои се во фазата на пост-мониторинг дијалог – Бугарија, Македонија, Турција и Црна Гора.

На состанокот ќе се разгледува и барањето за отворање мониторинг-постапка за Франција, поради, како што е наведено во предлогот, наводните прекршувања на Европската конвенција за човекови права во врска со протестите предизвикани од донесувањето на Законот за истополови бракови.

Дневниот ред на Мониторинг-комисијата предвидува и расправа и за пост-мониторинг дијалогот со Бугарија, како и мониторинг-дијалогот со Украина и со Ерменија.

Во текот на престојот во Сараево, Николоски ќе оствари повеќе неформални билатерлани средби со членовите на Мониторинг-комисијата.

Во рамките на состанокот на Мониторинг-комисијата ќе биде одржана расправа насловена „Дејтонскиот договор – 20 година подоцна“ на која во својство на говорник е поканета да учествува пратеничката Ермира Мехмети. Покрај Мехмети на оваа тема обраќање ќе имаат и Високиот претставник за Босна и Херцеговина Валентин Инцко, пратеници од Парламентот на Босна и Херцеговина, како и претставници на невладините организации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top